Охрид, 27. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Националната установа „Завод за заштита на спомениците и музеј“ од Охрид, во тековната 2017 година ќе изготви елаборати за ревалоризација на 10 објекти од профана архитектура на територијата на општините Охрид и Струга.
Меѓу позначајните активности за годинава е изработка на проект за конзервација и ревитализација на стара воденица во селото Велмеј, потоа конзерваторско – реставраторски работи на ѕидовите од подградието на Самуиловата тврдина – Сектор 4, кој е во втора фаза, потоа конзервација и реставрација на камбанарија од манастирскиот комплекс Св. Богородица Перивлепта и конзервација и санација на sидните платна од летната сцена Долни Сарај во Охрид, II фаза.
Превентивни заштитни интервенции ќе се извршат на апсидата и источниот ѕид од пештерната црква Св. Архангел Михаил во село Радожда.
Исто така, Националната установа во годишната програма за оваа тековна година, ќе реализира конзерваторско – реставраторски работи на живописот од црквата Св. Богородица Захумска во селото Трпејца. Потоа ќе се врши теренско доистражување на археолошкиот локалитет Раица – Манастириште во селото Љубаништа, како и реставрирање на фасадите на куќите од неколку познати стари охридски фамилии.
Ќе се изготвуваат елаборати за ревалоризација на збирка од археолошки предмети од праисторија и осовременување на просторот во Куќата на Робевци во Охрид.
Како што информира директорката на Националната установа „Завод и музеј“ од Охрид Тања Паскали-Бунташеска, минатата 2016 година установата ги реализирала сите активности предвидени со програмата одобрена од ресорното Министерство за култура. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива