Охрид, 28. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Вкупно360 претставки за повреда на личните податоци на Фејсбук, добила лани Дирекцијата за заштита на лични податоци. Од нив 80% се однесувале на лажни Фејсбук профили, а 20% за хакирање на профилите и злоупотреба на фотографии.
Последниве годиниво Охрид имаше неколку претставки за овој вид повреда на личните податоци. Најсериозен беше случајот во 2015 година, каде со лажен профил на Фејсбук 25-годишен педофил прелажал ученик од Охрид. Пред две години, пак повеќемина граѓани на Охрид се пожалија на хакирање на нивните профили на социјалните мрежи.
Според извештајот на Секторот за внатрешни работи од Охрид за целокупната работа во минатата 2016 година, на територијата на Охрид немало ниту една пријава од граѓани за овој вид сајбер-криминалитет.
Граѓаните мора сами да ги штитат своите лични податоци и да внимаваат што објавуваат на социјалните мрежи, велат надлежните.
На почетокот на 2018 година, Македонија треба да добие нова законска регулатива за заштита на личните податоци. Компаниите кои ги контролираат базите на податоци ќе мора да воведат функција офицер за заштита на лични податоци, а помалите стопански субјекти за оваа намена ќе треба да ангажираат специјализирани компании.
Комитетот на Министри при Советот на Европа одлучи секоја година 28 јануари да се одбележува како „Ден за заштитата на личните податоци“.
Дирекцијата за заштита на личните податоци врз основа на поднесени претставки на граѓани, предупредува на строга заштита на личните податоци. Од дирекцијата потсетуваат дека матичниот број на граѓанинот може да се обработува само: по претходна изречна согласност на субјектот на лични податоци; за остварување на со закон утврдени права или обврски на субјектот на лични податоци или контролорот и во други случаи утврдени со закон. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива