Охрид, 31. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Домашни и странски експерти од повеќе области на хидрологијата, екологијата, одржлив развој, заштитата на природното и културно наследство, ќе вршат целосен мониторинг на Охридското Езеро.
Токму февруари ќе биде тест период за чекорите преземени за спроведување на препораките од УНЕСКО.
Во февруари и март е најавено доаѓањето на меѓународна делегација од УНЕСКО за мониторирање на целата состојба околу проектите и нивното влијание врз Охрид.
УНЕСКО ѝ даде рок на Македонија до 1 февруари 2017 да достави извештај за статусот на конзервација и за чекорите преземени за спроведување на препораките и во случај на потврдување на утврдената или потенцијална опасност за природните и културните добра на Охридскиот регион.
Охридскиот регион би можел да се најде на Листата на светско наследство во опасност на УНЕСКО поради плановите за изградба ски-центар на Галичица, патот А3, автопатот А2 и на железничкиот коридор VIII, a состојбата дополнително ќе се влоши со изградба на хотел во заштитениот зелен појас во населбата Лагадин.
Охридскиот регион е впишан во Листата на природно и културно светско наследство на УНЕСКО во 1979 година.
Неколку еколошки организации како „Фронт 21/42“ и „Еко-свест“ кон крајот на минатата година поднесоа жалба до постојниот комитет на Бернската конвенција на Советот на Европа за да се отвори случај, со барање да се стави мораториум на штетните проекти на Охридското Езеро и Националниот парк Галичица.
– Постои опасност Охридскиот регион, наместо на листата на светско културно и природно наследство на УНЕСКО, во февруарида се најде на листата на загрозено наследство, предупредија двете организации.
Охридското Езеро од почетокот на годинава се соочува со уште еден сериозен проблем, нагло намалување на нивото на водата. Така, во февруари ќе биде подложено на уште еден вид мониторинг. Поради контрола на водостојот на Охридското Езеро, во Охрид доаѓа екипа од хидролози од Управата за хидро метеоролошки работи, кои ќе ја проверуваат автентичноста на податоците на поставениот мониторинг систем.
– Дозволениот минимум на нивото на езерото е со водостој од H=-7 cm (или кота од 693.10 m). Состојбата на водостојот се следи секојдневно, вели м-р Васко Стојов, Раководител на Одделението за хидрологија.
За оваа проблематика реагираа од граѓанската иницијатива Охрид SOS и од Хидробиолошкиот завод од Охрид.
– Нискиот водостој на езерото, е веќе далеку под дозволената граница. ЕЛЕМ ја користи водата од реката Дрим за производство на електрична енергија. Охридското Езеро не е вештачко езеро па да може кој сака да си го (зло)употребува. Ова не смее да се дозволи, порачуваат од Охрид SOS.
Додека Проф. д-р Трајче Талевски, научен советник и раководител на одделението за краповидни риби во охридскиот Хидробиолошки завод, посочува дека нивото на водата во каналот Студенчишча е спуштено на многу критично ниво.
– Апел до ЕЛЕМ да ги затвори вратите на Дрим за да го намали испуштањето на вода од езерото. Со вакво темпо на незаконско испуштање може да се случи помор на плашицата како пред некоја година. И после, кривецот ќе биде никој. Не, крив ќа биде ЕЛЕМ, кажа неодамна проф. Талевски. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива