Охрид, 31. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Екипа на УХМР денес во Охрид измери дека нивото на водата на Охридското Езеро е -11 cантиметри, а не -17 како што покажуваше информативната табла поставена на водомерната станица во Охрид.
Одговорните лица извршија проверка на инструментите и водостојот на водомерната станица откако охриѓани и Хидробиолошкиот завод реагираа за нискиот водостој на езерото. Разликите на дисплејот со оние на реалниот водостој се пред се поради наслагите од песок и мил околу мерниот сензор.
– Со контролата на водостојот е утврдено дека нивото на Езерото било 4 cантиметри под дозволениот минимум. Оваа информација е проследена до ЕЛЕМ, а оттаму веднаш реагираа со намалување на истекот кај Струга. За подобро читање, пак, вчера беше извршена замена на водомерните летви, а беше пристапено и кон чистење на бунарот каде што се наоѓа мерниот сензор од автоматската станица и дисплејот, информираат од УХМР.
Управата, како што се наведува, има задача да ги мониторира водостоите на водотеците и езерата и доколку се забележат одредени пропусти, да реагира и тие да се поправат.
– Поради застареност на водомерните летви и поради наслаги од мов, алги и школки, водостојот бил погрешно отчитан од страна на набљудувачот од Охрид. За подобро читање уште вчера беше извршена замена на водомерните летви, а воедно беше пристапено и кон чистење на бунарот каде е мерниот сензор од автоматската станица и дисплејот, додаваат од УХМР.
По чистењето се очекува подобрување на информацијата од дисплејот за нивото на Езерото. Поради тоа, во наредните денови дисплејот ќе остане да работи за да се тестира неговата веродостојност. Доколку и натаму дава погрешни податоци, ќе се исклучи додека не се направи детален сервис и замена на софтверот. По извршениот сервис дисплејот повторно ќе биде вклучен.
– Изминатите две недели се вршeа проверки на квалитетот на мерењата, како на дисплејот, така и на автоматската станица во споредба со оние на набљудувачот на УХМР. При мерењата беа забележани разлики на температурата на воздухот и водата, но и на водостојот на Езерото. Со сервисерот на дисплејот е договорено да се следи ситуацијата и да се изработи подобрен софтвер, нагласуваат од УХМР.
Според УХМР, повеќегодишните средномесечни карактеристични вредности на водостоите за Охридското Езеро се движат од 17 до 49 cантиметри, со амплитуда на осцилирање од 32 сантиметра. Просечната годишна вредност на водостоите за периодот од 1951-2010 година изнесува 32 сантиметра, а на годишно ниво се менува од -3 до 82, со амплитуда на осцилирање 85.
Апсолутно забележаниот максимум кај Охридското Езеро бил регистриран на 22 февруари 1963 година со H = 142cm, додека апсолутен забележан минимум H = -17cm (или кота 693.00 метри), е регистриран на 29 октомври 1990 година. Апсолутната амплитуда изнесува 159 сантиметри.
– Поради фактот што водите од Езерото се користат и за производство на електрична енергија, за да се зачува растителниот и биолошкиот свет во езерото каде егзистираат организми постари и од два милиона години, на ниво на Република Македонија е донесен Договор со кој се регулира испуштањето на водата од езерото, а ЕЛЕМ кој стопанисува со испуштањето на водите од езерото кај Струга е обврзан да го почитува, па поради тоа има и сопствен мониторинг, објаснуваат од УХМР.
Според овој Договор, максимално дозволената кота на езерото е 693,75 метри, што значи доколку нивото на езерото дојде на кота од 693,76 m (H=58 cm) ЕЛЕМ мора да ги отвори преградите кај Струга (доколку се затворени) и да ја испушти водата за да не дозволи надминување на оваа дозволена кота на нивото на езерото. Во случај на малуводие во сливот на езерото, односно при ниски водостои, како што има во моментов, дозволениот минимум е на кота од 693,10 (H=-7cm).
– Во текот на декември 2016 на метеоролошката станица во Охрид има забележано само 10 литри на метар квадратен врнежи, вредност која е под просекот и која за периодот од 1981-2010 изнесува 81 литар или за 71 литар помалку од просечната вредност. Во јануари, метеоролошката станица во Охрид забележа 18 литри на метар квадратен и тоа врнежи кои главно беа во вид на снег. Просекот за јануари за периодот од 1981-2010 е 59 литри, што значи врнежите беа помали за 41 литар под просечната вредност, соопштија од УХМР.
Ваквата состојба со врнежите, додава Управата, директно влијае на нивото на Езерото и очекувана е ваква реакција на Езерото, т.е. ниски водостои и сосема е нормално оваа тенденција да продолжи, зашто во зимските месеци очекувани се минимални зимски екстреми пред се поради слабите врнежи, но и поради ниските температури кои влијаат негативно на природниот истек.
На нивото на езерото има влијание и начинот на кој се стопанисува со езерото – колку вода се испушта.
– Од ЕЛЕМ добивме информација дека до скоро се испуштале 7 метри кубни во секунда и дека по потврдената информација дека нивото на езерото е под дозволениот минимум, се испуштаат 3 до 4 метри кубни пред се за задоволување на биолошкиот минимум на Црн Дрим на потегот од Струга до Езерото Глобочица, информираат од УХМР.
Денеска водостојот е -12 cантиметри или кота 693.05 метри, што е за пет сантиметри пониско од дозволениот минимум.
ЕЛЕМ уште вчера го намали истекот на водата од Езерото кај Струга и водостојот на Црн Дрим кај Ложани утрово беше пониско за 55 cантиметри. Со намалувањето на испустот на водата од Охридското Езеро кај Струга, се очекува во наредниот период нивото во езерото да стагнира, па постепено да почне да расте, потенцираат од Управата за хидрометеоролошки работи. (Крај)
извор: Сител фото: архива