Скопје/Струга, 2. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во пресрет на 4 февруари, роденденот на Гоце Делчев, годинашната меѓународна награда „Гоцева мисла“ им се доделува на Волф Ошлис од Германија, Горан Калоѓера од Хрватска, Лилјана Јанаќковиќ од Србија и Ресул Шабани од Македонија.
Наградата ја доделува Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација Македонија Презент, а досегашни добитници беа: Златко Крамариќ (Хрватска), Олга Панкина (Русија), Даниела Костадиновиќ (Србија), Тања Попова (Бугарија) и Звонко Танески (Македонија).
Наградата се доделува во чест на роденденот на Гоце Делчев и неговата знаменита мисла Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите.
Доделувањето на наградите е во рамките на традиционалната меѓународна манифестација Фестивал на чајот и читањето, која и годинава ќе започне на 4 февруари, роденденот на Гоце Делчев, а ќе заврши на 8 март оваа година.
Шабани е роден на 14 октомври 1944 година во селото Калишта, Струшко. Завршил Виша педагошка школа во Скопје, како и албанска литература на Универзитетот во Приштина.
Бил одговорен уредник на списанието за деца Гезими и член на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, како и надворешен советник за издавачка дејност во Министерството за култура. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива