ЕКОЛОГИЈА Избор Охрид

Еко-свест бара нови опции во енергетскиот систем, ЕЛЕМ уверува дека нема неконтролирано испуштање на вода

Охрид/Скопје, 3. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Центарот за истражување и информирање на животната средина Еко-свест бара изнаоѓање на решенија за одржлив развој на Охрид.

Од центарот додаваат дека во услови кога има енормно загадување на воздухот во повеќе градови низ Македонија, Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) најавува дури четири нови термоелектрани на јаглен кои значително ќе придонесат кон аерозагадувањето во делови од земјата кои во моментов не се оптеретени со загадување од термоелектрани. Реакциите на Еко свест се во насока на препорака за разгледување на нови опции за развој на електроенергетскиот систем на Македонија кои би обезбедиле поголема сигурност во снабдувањето и би придонеле кон намалување на енормното аерозагадување.

– Tреба да се прават истражувања за искористување на обновнливите потенцијали, особено потенцијалите за сончева и ветерна енергија, се вели во соопштението на Еко-свест.

На ова АД ЕЛЕМ реагира и од компанијата додаваат дека немало неконтролирано испуштање на вода од Охридско Езеро.

– АД Електрани на Македонија во насока на целосно информирање на јавноста уште еднаш повторува дека го прилагодува испустот на вода од Охридско Езеро во Црн Дрим според котата на езерото во согласност со референтните податоци на УХМР, како и според страничните дотеци во сливот на ХЕЦ Глобочица, објаснуваат од ЕЛЕМ.

Согледувајќи го сушниот период во охридското сливно подрачје, истекот се прилагодувал согласно водостојот на Охридското Езеро. Иако во јануари, АД ЕЛЕМ го натфрли производствениот биланс од домашните капацитети за повеќе од 8 проценти, за истиот период ХЕЦ Глобочица не го исполнила месечниот план за производство,односно произвела 38,1 отсто помалку електрична енергија во однос на очекуваното. Истото важи и за ХЕЦ Шпилје која во јануари испорачала 32 отсто помалку електрична енергија во однос на билансот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука