Охрид, 3. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на одбележувањето на патрониот празник, Основното училиште „Григор Прличев“, во понеделник ќе ја продлабочи соработката со Гете-Институт – Скопје преку продолжување на Меморандумот за соработка.
Професорката по германски јазик која што е задолжена за реализирање на часовите по германски јазик од 1 одделение во проектот „Германски јазик од 1 одделение, поддржани од Гете-Институт, Ивана Маховска Шикалеска, вели дека веќе седма година училиштето успешно реализира настава по германски јазик во која се користат најнови методи и техники прилагодени на возраста на децата.
– Постојано сме учесници на семинари и обуки организирани од страна на Гете-Институт на кои се стекнуваме со знаења кои потоа ја наоѓаат својата примена во наставата со учениците. Користењето на модерни нагледни средства овозможува наставата по германски јазик да им причинува пред се задоволство на учениците. Секоја година 10 ученици од деветто одделение добиваат бесплатен тримесечен курс по германски јазик, а потоа двајца од нив добиваат стипендија за изучување на германскиот јазик во Германија. Показател за успешната соработка е фактот дека нашите ученици учествуваат на работилници, изложби, филмски фестивали организирани од Гете- Институт, а по извршените тестирања на знаењата по германски јазик нашите ученици покажуваат најдобри резултати, вели Маховска Шикалеска.
Меморандумот во понеделник ќе го потпишат директорката Силвија Мојсовска и директорката на Гете-Институт Скопје Тања Кригер, во рамките на иницијативата „PASCH-Училишта партнери на иднината”. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива