Охрид, 3. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид, денес беше промовирана новата книга – поема на Мирко Томовски, насловена „Екот на вековите“.
Авторот на делото, чувствувајќи се како понизен сонародник на Прличев, вели дека одлучил да ја обелодени својата поема.
– И денес екот сеуште не стивнал, сеуште бубалките избезумено удираат во бреговите на Свети Павле, затоа што не ги пуштаат ниту во пеколот, ниту во рајот, чекајќи го Судниот ден, кажа Томовски.
Поемата на Томовски, како што вели промоторот Тоде Илиевски, претставува епско-лирска карта на места и настани во времето и просторот зад нас. Како што додава Илиевски, поемата го обврзува читателот да се насочи со сите сетила додека ја чита или слуша.
– Возбудливи се лирските фрагменти во кои се опева љубовта. Тие се најприсутни и најсилни во средината на поемата. Очигледно е дека поетот ја дели судбината на неговиот народ, која е споредена со напорот за искачување на Чомолунгма. Дали напорот е оправдан и дали целта ќе биде постигната, постојат повеќе мерила, додава Илиевски.
Според промоторот Зоран Јакимоски, поемата „Екот на вековите“ на Томовски, е меѓу најуспешните дела на авторот.
– Мирко Томовски е познато име во културното милје на нашиот град, чиј што досегашен творечки опус содржи 10 – на наслови, како за возрасни, така и наслови наменети за најмладите читатели. Неговото најново дело, по кој повод денес сме собрани овде, во очи чествувањето на Прличев, е всушност поемата „Екот на вековите“. Самиот чин на создавање на вака грандиозно и сериозно дело, како што е поемата, и покрај традицијата која одамна кај нас ја воспостави Григор Прличев, бара многу храброст, умешност и сериозност во пристапот. Првиот впечаток е дека Мирко Томовски тоа и го направил и мислам дека нема да погрешам ако кажам дека оваа поема е, неговото најкоплексно и најуспешно дело, истакна Јакимоски.
Директорката на НУ Библиотека „Григор Прличев“, Александра Белевска, на промоцијата на делото, потсети дека симболично со претставување на поема од современ автор, установата ги започнува годинешните чествувања по повод Прличевите беседи. Белевска издвојува дека вниманието на авторот е непоколебливо определено за сè она што се нарекува културна трага на неговиот народ низ вековите.
– Авторот доброволно ја прифаќа задачата да проучува, толкува и пее, да тагува и да ѝ се радува на татковината на која ѝ припаѓа, изразувајќи ѝ благодарност и пренесувајќи духовни дарови, дополна Белевска. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес