февруари 5, 2017

Прилеп, 5. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Представници на десет македонски асоцијации – здруженија и политички партии од Грција, Бугарија, Србија, Албанија, областа Гора на Косово, Хрватска, подалечната дијапора, како и граѓанска иницијатива „НЕ-ИМА“ од Македонија, по повод 145 години од раѓањето на револуцонерот Гоце Делчев, се собраа, викендов, во Прилеп, на На 15-тиот Семакедонски собир, кој усвои посебна Декларација.

Согласно со општите меѓународни акти за правото на слободно изјаснување и самопределување, правото на слободна мисла и слободно изразување, личните права и слободи на личноста и граѓаните, ние, Македонците, како и сите други нации од соседството, имаме своја матична држава – Република Македонија, се вели во Декларацијата.

– Исто како и на другите народи, Република Македонија е културна матица на македонскиот народ кој живее во соседните држави и дијаспората. Затоа, на различните национални заедници во државите на Балканот треба да се гледа како на своевидно богатство и разноличност, кои треба да бидат мост за соработка, а не предмет на манипулација за остварување на големодржавнички идеи – се додава натаму.

Македонскиот идентитет и ентитет се потврдени со неприкосновени, аргументирани и содржајни сознанија – културни, историски, демографски, лингвистички, антрополошки и тие не треба да бидат тема на никакво оспорување, или негирање. Националните симболи се дел од македонскиот идентитет, македонската култура и историја и не смеат да бидат предмет на пазарење за создавање на сегашни, или идни владини коалиции или за други политички пазарења.

Негирањето на македонскиот идентитет, македонската нација, македонскиот јазик и култура, кое доаѓа од официјалните власти и политичари на соседните држави, Албанија, Грција, Бугарија, Србија, не значи ништо друго, туку само грубо кршење на основните права на Македонците, гарантирани со општите меѓународни акти.

Од Република Македонија, е побарано, да застане на браникот на правата на Mакедонците во соседните земји, и таа обврска да биде вратена во Уставот. Македонија ги применува највисоките стандарди во остварувањето на правата на другите национални заедници, затоа и другите држави да ги имаат истите стандарди за македонските национални заедници во тие држави. Во таа смисла, Скопје и Тирана да потпишат билатерален договор за основните права на Македонците во Албанија и на Албанците во Македонија, на реципроцитетна основа.

Македонија, треба да ги прекине преговорите за разликите околу името  со Грција и членството во Обединетите нации и во сите меѓународни организации да го продолжи под нејзиното уставно име Република Македонија, без латинична транскрипција на македонски јазик (Republika Makedonija), туку на англиски јазик – Republic of Macedonia.

– ЕУ треба да разбере дека цената која ја бара од Република Македонија, за влез во ЕУ, солидаризирајќи се со Грција за промена на нашето вековно име, е превисока. Промента на името, во услови кога соседите не ја признаваат ни територијата, ни границите, ни народот, ни јазикот, ни државата, ни црквата, значи долгорочна и трајна дестабилизација на Македонија и Балканот. Само влезот во ЕУ под уставното име може да ги запечати сите аспирации на соседите и да обезбеди стабилност на Балканот, стои во Декларацијата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука