февруари 6, 2017

Охрид, 6. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Насловот на поемата, нè принудува да се навратиме на стариот и новиот завет, т. е. на двата дела на Светата книга, објасна во својот осврт кон годинешниот лауреат, претседателот на жири комисијата за доделување на Прличевата награда, поетот Трајче Кацаров.

Тој објасна дека во современата поезија многу подолги песни се декларираат како поема. Од вкупно пристигнатите поеми за Прличевата награда, наградената „Македонски стар и нов завет“ се карактеризирала со вредности, кои му даваат право на авторот да го понесе признанието, додека читателите, да се служат со делото.

– Блез Паскал, францускиот литерат ќе напише „последното нешто кое човек ќе го најде кога ќе почне да пишува, е почетокот“. Во овој случај, почетокот беше она што тука го најдов, а се огледа во насловот на поемата „Македонски стар и нов завет“. Навраќајќи се на Стариот и Новиот завет, ако во содржината на Стариот завет се препознаваат Божјите заповеди преку Мојсеј, содржината на Новиот завет е низ Евангелијата на четворицата апостоли, кажа Кацаров, давајќи паралела меѓу насловот на поемата „Македонски стар и нов завет“ и Светото писмо.

Историјата која почива на легенди и приказни, е апологија на вистината, кажа во продолжението на освртот Кацаров. Од такви причини, жири комисијата тргната во процесот на оценувањето на поемата, која ја понесе наградата.

– Авторот се послужил преку приказните и легендите да нè доведе не само до генерациите наши, туку и до оние кои ќе дојдат после нас. Тој низ звучни стихови, точни и прецизни, носат една ситуација, која сите нас нè обврзува на почит. Не треба да се заборави дека сите ние преку нашите зборови ќе бидеме осудени, истакна Кацаров.

Сите дела напишани на македонски јазик, тоа е нашата голема придобивка, заврши Кацаров. Додека можеме да пишуваме на македонски, да му се обраќаме на светот на македонски јазик, дотогаш и постоиме. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука