февруари 6, 2017

Скопје/Охрид, 6. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Паула Купер – Трајковски е родена во Чарлстон, Јужна Каролина, а поради љубовта се одлучила да живее во Скопје.

Со Македонија првпат се запознава во 2010 година, а свој постојан престој во оваа земја има од 2012 година. Има двегодишен син и работи со интернет-продажба на накит. За македонскиот народ вели дека, навистина, ѝ се допаѓа што знае да ги почитува културата и традицијата, пишува неделникот „Република“.

– Во Македонија првпат дојдов во јули 2010 година. Тоа беше на мојот прв одмор и моја прва средба со семејството на сопругот. Официјално, овде дојдов да живеам во 2012 година, раскажува Купер – Трајковски.

На прашањето, кое е, според неа, најубавото место што треба секој да го посети во Македонија, Купер – Трајковски вели дека особено ѝ се допаѓа Охрид.

– Имам посетено некои места во Македонија, кои, навистина, ми оставија голем впечаток. Многу ми се допаѓа Охридско Езеро и градот Охрид. Прекрасниот стар град. Не верував колку е убав сѐ додека не го видов со свои очи. Навистина нешто неверојатно. Исто така, ми се допаѓа и Берово, чист и свеж воздух и прекрасна храна, додава Купер – Трајковски.

За македонската храна вели дека е прекрасна, а македонските вина ги оценува како единствени. (Крај)

извор: Република фото: Република

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука