Охрид, 8. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Сметам дека 2016 година ми беше навистина успешна, затоа што покрај локалните и државни успеси, најголем печат остава учеството на Олимписките игри во Рио, вели охридската стрелачка Нина Балабан, која по втор пат ја добива наградата Спортист на годината во градот Охрид.
Таа се закити со ова општинско признание и во 2013-та година.
– На првиот натпревар по Олимписките игри, кој се одржа во Белград, Гранд при и Интернационално првенство на Белград, јас бев едиствениот македонски стрелач, кој успеа да се закити со признание на еден таков натпревар. Поставив два државни и два лични рекорди. За да биде комплетна 2016 година, бев избрана за спортист на годината, додаде Балабан.
Според Коста Карадимче, претседател на Сојузот на спортови, во Охрид во последниот период најдобри резултати покажале спортистите од екипните спортови.
– Подемот на спортот во Охрид моментално е во екипните спортови, да не ја заборавиме атлетиката, но мораме да ги издвоиме ракометарите, оние кои и привлекуваат најмногу публика во спортската сала. Како и секоја година очекуваме оваа година уште поголеми резултати, потенцира Карадимче.
Младиот Христијан Чолески се заблагодари на спортската јавност и доделувањето на наградата.
– Јас се натпреварувам во бразилско џиу џицу. Годинава се надевам да победам секаде каде што ќе се натпреварувам, додава Чолески.
Додека ракометарката Викторија Алексиоска, вели дека наградата е само доказ дека успехот кој го постигнала со целата екипа.
– Се надеваме дека успесите ќе ги направиме уште поголеми, а на младите им порачувам да спортуваат и да го следат својот сон, дополна Алексиоска.
Сојузот на спортови на град Охрид денес ги додели наградите на најдобрите спортисти во Охрид за минатата 2016 година.
Посебна награда постхумно се додели на Проф. Влатко Димитров и на Александар Леко Радиќ.
Наградата за животно дело годинава му припадна на Миодраг Христовски.
Кошаркаркиот клуб АВ Охрид и ракометниот клуб Охрид се прогласени за најдобри клубови.
Во категоријата најперспективни спортисти наградени беа Давид Крстески (Теквондо/фудбал), Христијан Чолески (Џиу Џицу), Мартина Патчев (Кајак), Викторија Алексиеска (Ракомет), Јана Маркоска (Стрелаштво), Мартин Иваноски (Ракомет), Кристина Мојсоска (Фудбал) и Јована Кецкарова (Тенис).
Посебно признание доби ОФС Охрид за 40 години успешна работа.
Како најуспешни спортисти на годината се: Славчо Миречски и Мартина Мироска (Атлетика), Крсте Андоновски (Ракомет), Едмонд Хоџа (Фудбал), а најдобар тренер е Петар Чочороски. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес