февруари 14, 2017

Скопје, 14. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Роднини, пријатели и соседи на дел од обвинетите во случајот „Диво Насеље“ беа сослушани како сведоци на одбраната.

Сите истакнаа дека не забележале ништо невообичаено во однесувањето на обвинетите, а со некои од нив биле заедно и во текот на критичниот ден.

Ова според адвокатите покажува дека обвинетите не се виновни за крвавите вооружени дејствија од 9 и 10 мај 2015 година особено што некои од нив и физички не биле присутни во Диво Насеље.

В петок, кога продолжува процесот, исказ за прв пат ќе дадат сите 37 обвинети.

– Ќе се започне во петок со испитување на обвинетите. Најбитно на сите адвокати во еден заеднички договор предложивме да бидат испитани сите 37 обвинети па потоа во дополнение на доказната постапка впрочем од она што ќе произлезе и до лицата кои ќе бидат спомнувани во исказите дирекно од обвинетите тие ќе бидат предложени во дополнение на доказната постапка предложени и се надевам и прифатени од страна на судскиот совет, изјави адвокатот Насер Рауфи.

Досега, на затворени рочишта беа сослушани полицајци учесници во вооружената престрелка во Диво Насеље, но не и оние кои раководеле со акцијата. Директорот на Бирото за јавна безбедност Чавков вели дека доколку биде повикан како сведок ќе се појави во судница.

– Досега не сум бил повикан како сведок од страна на обвинителството. Доколку бидам повикан секако дека ќе се јавам какo сведок бидејќи тоа е законска обврска. Работа на судот беше зошто исказите на полицајците кои учествуваа во акцијата беа затворени за јавноста односно зошто тие имаа статус на заштитени сведоци, изјави Чавков. (Крај)

извор: 24 Вести фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука