февруари 14, 2017

Скопје, 14. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – De:sonanz Festival Skopje најавува концертна вечер со гостување на интернационалниот музички феномен базиран во Берлин – групата N.M.O.

Концертот ќе се одржи во сабота, 18-ти февруари со почеток во 20:30 часот во Станица 26 – Скопје.

Тешки за дефинирање, а лесни за паметење штом еднаш се слушнат во живо, NMO е музички состав кој пркоси на секаков обид за жанровска категоризација и се фокусира  на создавање фуриозна мешавина од перкусии и синтетизирани звуци која на почеток изненадува а потоа разигрува како ниту една музика на планетава.

Скопје е едно од избраните места каде публиката ќе има можност да присуствува на овој исклучителен аудио-визуелен феномен.

Нивното концертно деби во Скопје е на покана од De:sonanz Festival, како дел од концертната програма надвор од годишниот фестивал. Настапот во Станица 26 е дел од нивната европска турнеја по издавањето на албумот Nordic Mediterranean Organization / Numerous Miscommunications Occur  исполнета со настапи во клубови (еден од последните- настапот во реномираниот берлински Berghain во рамките на CTM фестивалот), концертни сали, уметнички галерии и фестивали, како и концерт за Boiler Room Berlin.
Бендот е проект на тапанарот и продуцентот Мортен Џ. Олсен (Morten J. Olsen) и Рубен Патињо (Rubén Patiño) кои со овој проект се фокусираат на енергични настапи во живо кои радикално го редефинираат пристапот кон „живите“ настапи, користејќи лаптоп и тапани како основни вежбовни алатки за деконструкција на панк, техно и електро звуците, отсвирени со силно чувство за спектакл и досетлива перформативност.

На концертот во Скопје, локалната сцена ќе ја претставуваат Arlekin, ноиз-рок состав кој за подоцна оваа година го најавува албумот „Извор на главоболки” за Insulin Addicted Records, како и скопскиот слаџ/стонер проект Schwartzen. За музиката пред почетокот на концертите и помеѓу бендовите се задолжените DJ-ите од De:sonanz Festival: Andreas Hz + Random. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука