Охрид, 14. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Македонската пејачка Анита Мицова, денес официјално ја преставува својата нова песна „Биди добар“.
Темата е балада чии автори се Весна Малинова и Кирил Бабамов, свој удел во инструменталниот дел има музичарот Ратко Даутовски. Песната доби и спот, кој го потпишува Даниел Јовески.
Анита денес беше специјален гостин во емисијата „Евтини приказни“ во бистро „Корнер“ со водителката Александра Алексијевска.
– Со песната, со спотот, односно со целиот овој проект, креативноста во него, сакавме да ја пренесеме мојата порака „со љубов, за љубов“, а тоа најубаво се прави преку музиката и преку видеото за неа. Не случајно за тоа е избран и овој ден, кога ги славиме виното и љубовта. Голема благодарност до целиот тим, посебно до Даниел Јовески. Не може да испадне ништо лошо кога се работи за Даниел Јовески. Снимањето на спотот испадна фантастично, многу сум задоволна, вели Мицова.
Оваа година се очекува и промоција на албумот со наслов „Ти сум Јас“.
– За среќа веќе е готов албумот. Се чека само на добра промоција. Испечатени се cd-та, само го чекаме моментот. Сакам публиката да го даде своето мислење за албумот, откако ќе ги слушне песните, додава Мицова.
Во врска со претстојното талент шоу Ohrid Superstar, Мицова дава максимална поддршка и верува дека од самиот почеток настанот ветува дека ќе биде вистински погодок.
– Има таленти од Охрид и Струга. Ги поттикнувам сите оние кои имаат талент да се пријават, порачува Мицова. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес