Скопје, 17. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Пациентите болни од карцином по долга борба, добија нови типови лекарства.
Станува збор за шест нови лекови кои досега не биле достапни во земјава, и тоа за болни од рак на дојка, за бели дробови, за дебело црево и за рак на црн дроб.
Од алијансата на здруженија на пациенти велат дека ова е историски чекор во нивната борба за продолжување на животниот век на пациентите кај кои е дијагностициран карцином.
– Ова покажа дека институциите имаат слух и Фондот ги отвори вратите и ја разбра важноста. Се овозможува нова терапија што е многу битна и докажано може да го продолжи и спаси животот на пациентите, вели Биба Додева, претседател на здружението Борка.
Терапијата за малигни заболувања на бубрег и кожа веќе е воведена и достапна на пациентите, а годинава ќе бидат воведени и лекови за рак на дојка, рак на дебело црево, рак на црн дроб и два лека за рак на бели дробови. Терапијата за рак на кожа, што чини околу 8.000 евра месечно и за рак на бубрег, што чини околу 3.000 евра, а пациентите претходно морале сами да ја набавуваат, сега е достапна и тие ја добиваат бесплатно во рамки на здравственото осигурување. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: МИА