Охрид, 20. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во продукција на Народниот театар од Охрид и Театарот „Ici et la“ од Париз, Франција, во четврток, 23-ти февруари во 20:00 часот, во Центарот за култура Охрид, повторно ќе се прикаже драмската презентација на историската поема „Дениција“ на Петре М. Андреевски.
Подготвуван последните две години како поетско-театарски сон што ја пласира „Дениција“ во основата на македонскиот духовен идентитет во европски и светски рамки, нејзината праизведба во Македонија се совпаѓа со десетгодишнината од смртта на акедмик Петре М. Андреевски (1934-2006).
Режијата е на Константин Плевнеш, кој е воедно автор на оригиналната музика. Во улогата на Петре М. Андреевски настапува првенецот на Драмскиот театар Рубенс Муратовски, во улогата на Дениција, младата актерка Димитрина Мицкоска, а во улогата на божицата Талија, Саша Ефтимова од МОБ.
Картите се во продажба на билетарата на Центарот за култура по цена од 200 денари. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива