Охрид, 22. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Научени дека повеќето модни настани се фокусирани во главниот град Скопје, позитивно изненадување дојде од Охрид, каде што неодамна се отвори продавницата „Румор“, со концепт по светски терк и единствениот мултибренд во регионот.
Зад „Румор“ стојат Лејла Гогова и Алек Бимбилоски, кои во Охрид ќе ја промовираат македонската мода и сè она што е потпишано со Made in Macedonia. Креаторските парчиња конечно се достапни и за охриѓани, да не мора повеќе да инвестираат екстра пари и да патуваат во потрага по квалитет и дизајн.
– Приказната е дека сме заедно од деца, дека сме во моден бизнис, секој во свој, 20-тина години и дека сакавме на Охрид да му го подариме ова што „Румор“ го нуди, бидејќи охриѓани тоа го заслужуваат. „Румор“ е создаден со многу љубов и желба конечно да се понуди квалитет и тоа првпат за ексклузивна цена, вели Лејла.
Сместена во зградата „Печијаре“ на булеварот „Туристичка“, во „Румор“ ексклузивно може да ги најдете модните парчиња креирани од светски познати креатори: Ристо/Париз, Монографи /Париз, СЕВ/Париз, Елла/Исланд и Џуми Лим – We are owls NewYork/Њујорк. Нивните уникатни креацииа ќе се продаваат по цени прикладни за македонскиот пазар, што „Румор“ го прави неоддолив моден избор. Тука ќе најдете и уникатни модни детали, како накит од филигран, дизајнирани новчаници и рачно изработи специјални миризливи свеќи, како и фармерки од Rag and Bone и Citizens of Humanity.
– Очекуваме клуенти од цела Македонија кои покрај за викенд и одмор, ќе доаѓаат во Охрид на шопинг во „Румор“, велат Лејла и Алек и потенцираат дека Охрид доби место каде што ќе се продаваат креациите на Ристо Бимбилоски, охриѓанец и моден дизајнер со светска слава кој сега работи покрај Џон Галијано во модната куќа Maison Margiela.
Покрај колекциите на Ристо и набројаните светски брендови, „Румор“ соработува со талентирани уметници и артисанал творци кои ќе дизајнираат уникатни модни детали. Мартина (Dream filigree) искреира накит од филигран, Драган „Книговез“ изработи уникатни новчаници, а Јованка Сион Доленц рачно изработи специјални миризливи свеќи за секој хороскопски знак посебно. Секоја од нив може да гори испуштајќи убава арома околу 20 часа. „Румор“ и понатаму ќе склучува соработки со уметници и дизајнери, со цел да се афирмираат младите кои ќе понудат сопствена квалитена идеја и производи, и кои ќе се продаваат во овој простор. Во катчето наменето за домот ќе ги најдете рачно плетените перници кои ги дизајнираше младата Ирма Гогова, а во „Румор“ ќе се продаваат и рачно плетени производи.
Важен дел од Румор“ ќе биде сопствената колекција „Румор“, која ќе се произведува во Охрид со висококвалитетни материјали.
-„Румор“ го промовира Made in Macedonia производот, што е толку барано од модните куќи како Balenciaga, Loewe, Christopher Kane, Kenzo, Margiela… Сите материјали се custom made за Rumor, и произведени во истата фабрика каде што произведуваат горенаведените модни куќи, значи беспрекорен македонски квалитет на кој сме 100% горди. На Made in Macedonia се гледа многу позитивно и миџот е граден со многу трпение, љубов и труд на стотици жени и мажи во регионов, вели Алек.
Заштитниот знак на „Румор“ е врапче. Тоа симболизира глас(ина) – гласник и тесно е поврзано со традициите и верувањата во Охридскиот регион. Овој пат гласникот во Охрид слета како моден детаљ на уникатните производи на „Румор“.
извор: stylist.mk фото: stylist.mk