Охрид, 22. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во Куќата на Уранија во Охрид беше промовирана поштенската марка што започна да се издава во Руската Федерација.
Мотивот на марката е охридската црква Св. Јован Канео, која што е една од најпознатите цркви во Македонија и странство и е една од најфотографираните цркви во Европа.
На манифестацијата присуствуваше почесниот конзул на Руската федерација, професор др. Велимир Стојковски.
– Нашиот Охрид се наоѓа на оваа марка не случајно. Со гордост може да кажеме дека она што во историјата се случувало во Охрид, во овој наш древен град, е навистина вткаено во светските цивилизациски придобивки. Охрид претставува не само културна престолнина на словенството и словенското, и колевка на словенската цивилизација, туку истовремено и на светската, рече конзулот Стојковски.
Неодамна оваа марка беше промовирана во Скопје заедно со руската марка во Македонија. Мотивот на руската марка е црквата Собор на Свети Тројца во Санкт Петербург. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Ohrid.gov