Охрид, 23. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – СВР Охрид поднесе кривична пријава против 37-годишниот Јосип Кузмановски од Куманово, кој го изврши убиството на 67-годишната охриѓанка Спаса Б.
Основното јавно обвинителство му одреди мерка притвор во траење од 30 дена, по што е пренесен во казнено поправна установа-затвор во Скопје.
На 20-ти овој месец во 11 часот и 45 минути, пријавениот sвонел на станот од неговата сосетка. Претходно се осигурал дека таа е сама во станот и подготвувајќи се да го изврши кривичното дело, земал водоводна цевка и ставил бели хируршки нараквици на рацете. Објаснувајќи ѝ на сосетката дека сака да го погледне распоредот на станот, жената му дозволила влез.
Јосип од зад грб, со водоводната цевка ѝ задал неколку силни удари во главата и вратот по што таа паднала на подот. Веднаш потоа, започнал да пребарува низ собите, пронашол и одзел еден мобилен телефон и паричник со 3. 200 денари во разни апоени.
– Пред да го напушти станот, забележувајќи знаци на живот кај сосетката и плашејќи се дека ќе биде кажан и откриен, се вратил во кујната, пронашол нож со должина од околу 30 сантиметри со кој ѝ задал неколку удари во вратот и ја усмртил. Потоа го напуштил станот заклучувајќи го со клучот од влезната врата и се упатил во казино, пишува во официјалното соопштение на СВР Охрид. (Крај)
извор: СВР Охрид фото: архива