Охрид, 23. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во недела во спортската сала „Билјанини извори“ ќе се одигра хуманитарен кошаркарски турнир за помош на нашиот сограѓанин Трајан Целески – Тачо.
– Охриде, да бидеме хумани повторно. Нашиот другар Тачо боледуваше од тумор Астроцитома, па му беа потребни средства за операција во Италија. Трајан беше опериран, а сега се потребни финансии за неговата рехабилитација. Да бидеме повторно хумани. Правило за пријавување на тимови е 3+1 измена. За учество се плаќа 400 денари по тим, а влезниците ќе се продаваат по цена од само 100 денари, порачуваат организаторите.
Средствата кои ќе бидат собрани, ќе бидат донирани на сметката која е отворена за помош на младиот спортист Трајан Тачо Целески, кој беше опериран во Италија, а сега е во фаза на заздравување и рехабилитација.
Турнирот ќе се игра во недела со почеток во 12:00 часот во спортската сала „Билјанини извори“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива