Скопје, 24. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со сведочењето на Анди Красниќи познат како командант Малишева вчера продолжи судското рочиште за Диво Насеље.
Малишева и пред обвинителството и пред одбраната изјави дека не се чувствува виновен за настанот кој тврдеше дека е политички монтиран, но додаде „Пукав во полицијата за да се одбранам“, објави „24 Македонија“.
Второобвинетиот истакна дека за доаѓањето во Куманово на таканареченото Друштво на ветерани на ОНА во кое членува и тој знаеле и високи партиски функционери на ДУИ меѓу кои и Ејуп Алити познат како Секретар за спроведување на Охридскиот рамковен договор, и Садула Дураку актуелен градоначалник на Липково. Посочи и на телефонскиот разговор кој сега веќе починатиот командант Ндрецај го имал со претседателот на ДУИ Али Ахмети.
–Пукав колку што можев, со двете раце пукав, или ќе те убијат или се браниш, рече Амди Красниќи, алијас командант Малишева.
Од Косово дошол по барање на Мирсад Ндрецај командант НАТО, со единствена цел, повик до Албанците да се обединат под едно „црно црвено знаме“, како и за исполнување на сите точки од Охридскиот Рамковен договор. Што содржи Рамковниот и колку точки не биле исполнети не знаеше да каже, ама како атак врз албанското население Малишева ги наведе и смртта на Џавид Морина, Харун Алиу, случајот Бродец, палењата во Ѓорче, мислејќи на протестите кога беше убиен матурантот Ангел.
Красниќи како лица од Македонија кои во Косово им се жалеле дека не е спроведен рамковниот, ги наведе Ејуп Алими државниот секретар во секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор и градоначалникот на Липково Садула Дураку.
Ноќта на 6 мај, 2015 та Малишева во државата со уште десетина илегално влегол во земјава. Групата облекла униформа и се вооружала во шума кај селото Белановце, тој носел црна униформа и калашников. Потоа два дена седела во Отља, околу 1.30 утрото на 9 мај, неговата група стигнала во Куманово.
За време на престрелката Малишева објасни дека биле поделени во групи. Тој бил во групата со Мирсад Ндрецај, Бег Ризај и уште неколку.
Обвинетите за тероризам се предавале во групи, додека едните со кренати раце излегувале пред специјалците, повремени пукања се уште имало. Од групата во која бил Малишева загинале неколку, еден од нив како што рече не можел да го издржи, притисокот на војувањето па се самоубил.
Амди Красниќи во престрелката бил ранет, тој на 9 мај пред 22 часот им се предал на специјалците, една група негови соборци веќе биле уапсени од полицијата.
Следното рочиште за овој судски процес е закажано за 27 март. (Крај)
извор: 24 Македонија фото: архива