Охрид, 26. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Денес православните верници го празнуваат празникот Прочка.
Прочка претставува голем празник за македонскиот народ и со него се поврзани голем број обичаи и верувања.
Празникот Прочка или Велики Поклади, меѓу народот познат и како Проштени Поклади, спаѓа во најголемите христијански празници, според некои веднаш по Божик и Велигден. Овој празник доаѓа по неколкуте зимски празници како што се: Бадник, Божик, Водици, Св. Трифун и ги поврзува со поголемиот број пролетни празници како што се: Тодорова Сабота, Летник, Св. 40 маченици (Младенци), Благовештение, Цветници, Лазарева Сабота, Велигден, Ѓурѓовден и др. Со Прочка започнуваат и долгите Велигденски пости, период исполнет со многу обичаи и верувања, со многу одречувања и надежи за пречек на Христовото воскресение (Велигден) за причесна и идентификација со Спасителот Исус Христос.
На Прочка се изведуваат богати обичаи.
Кога станува збор за празникот Прочка не смее да се изостават деновите што му претходат на овој празник. Една недела пред Прочка (поточно во саботата) е Задушница.
Неделата пред Прочка се вика Месопусна или Месна недела, а некои ја викаат и Месни поклади зашто на тој ден се запокладува (односно се запостува) со месо, месни производи и свинска маст. Овој период од седум дена од Месни поклади до Прочка се вика и Сирна недела или Сирници поради тоа што во овој период се јадат млечни производи. Некои ја викаат и Бела недела.
Од Сирни поклади, односно од Прочка не се јадат и млечни производи со што започнуват големите, долги седум недели, Велигденски пости, што траат до Велигден.
Обичајот проштевање тргнува од христијанското сфаќање за помагање и проштевање меѓу луѓето. Се верува дека на овој ден и небото и земјата се проштеваат па тоа треба да го сторат и луѓето. Небото затоа што ѝ погрешило на земјата со громови, мразеви, поројни дождови и сл. бара прошка. И луѓето еден од друг бараат прошка за грешките. Притоа, секогаш помалиот бара прошка од постариот, децата од родителите, крштеникот од кумот, а се проштеваат и пријатели, роднини, соседи итн. Откако три пати ќе се поклони помладиот му вели на постариот: „Прости ми!“, на што овој одговара: „Простено да ти е и од мене и од Господа“, или само: „Просто да ви е“.
Во некои краишта на Македонија тој што барал прошка носел некаков подарок како портокал, лимон, суво грозје, алва, јајце и др. и во таа смисла во некои краишта портокалот останал како симбол на проштевањето. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива