февруари 26, 2017

Охрид, 26. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – И покрај големите најави и ветувања, нема знаци за почеток со работа на санацијата на некогашниот хотел „Славија“, сега во сопственост на контраверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој.

Во октомври 2015 година, претставници на компанијата на Рој го посетија Охрид и најавија дека санацијата на хотелот ќе започне во најкус можен рок.

– „Сахара“ Групацијата е посветена кон своите инвестиции во Република Македонија, иако не беше во можност да ги оствари своите заложби во земјоделскиот сектор. Моментално се фокусираме кон туризмот и угостителството. „Сахара“ моментално е поддржана преку своите канцеларии и оперативност во Скопје и Охрид, каде тим од 10 луѓе работи и наскоро ќе започне со регрутација на повеќе лица за своите бизнис активности, беше наведено тогаш во официјалното соопштение од компанијата.

slavijamart2Најавија дека биле ангажирани архитекти и дизајнери на ентериер од Македонија, но и од тимот на дизајнери во Индија. Нивната задача била да го претворат стариот хотел во модерно ремек-дело, соодветно за секој кој сака да ужива во деновите поминати во Охрид.

Македонската Влада своевремено го најави Субрата Рој како голем странски инвеститор кој требаше да го дигне на нозе и земјоделскиот комбинат „Џумајлија“, да отвори таму фарма со 20.000 крави, да изгради туристички центар на брегот на Охридското Езеро, а во најава беше дури отворање на филмски студија.

Инвестицијата на Рој, по системот „топло-ладно“, власта по потреба и на начин на кој најмногу и` одговарапе и` ја претставуваше во јавноста. Најавуван како „инвестиционо чудо“ и „спасител“, го посетуваше Охрид со повеќе членови на неговото семејство, делеше бакшиши, го шетаа со хеликоптери да му ги покажат убавините, го гоштеваа по најелитните ресторани. Контраверзниот бизнисмен, иако од најголемиот дел од јавноста беше пречекан со сомнеж, од власта, барем во прво време, беше пречекан со отворени раце. МПЦ му порача дека нема да ја даде земјата толку лесно, му изгради високи ѕидови околу Св. Наум и дури му порача дека ќе му коле по една крава (свето животно во Индија) секој ден, ако се реализира најавеното. Субрата сепак не потклекна, го купи хотелот „Славија“ во близина на Охрид, неофицијално за 5 милиони евра, за „да ги смести главниот архитект и проектантите кои требаше да работат во Охрид“.

subrataohridОхридскиот градоначалник Никола Бакрачески, на 13-ти јуни 2013 година, само неколку месеци по доаѓањето на функцијата, изјави дека „очекува дека хотелско-туристичкиот комплекс во Љубаништа на индискиот милијардер Субрата Рој ќе се гради, но не е сигурен дека комплексот би се изградил за време на неговиот прв мандат“.

– Очекувам да се реализира овој проект. До крајот на вашиот мандат? Мислам дека тоа е невозможно бидејќи се работи за огромен комплекс кој вклучува многу објекти, многу градежни активност. Во склоп на тој објект треба да има околу 50 објекти за апартманско сместување, десетина хотели, спа-центри и луксузни вили. Ќе треба да се прават и водни пристапи за пловни објекти, така што е невоможно за четири години да се изгради еден таков голем комплекс, кој, ќе биде најубавиот во Европа, рече тогаш Бакрачески.

ljubanistaslimСамо еден месец подоцна, во јули 2013 година, Субрата Рој изјави дека не се откажува од Охрид и дека и покрај проблемите и сериозните финансиски обвинувања во Индија ќе ја посети Македонија и Охрид. За приказната да биде поуверлива, неговата компанија тогаш од охридската локална самоуправа побарала и дополнителни 17 хектари земјиште во Љубаништа, за да има доволно простор за луксузниот туристички комплекс кој сака да го гради. Луксузниот туристички комплекс во Љубаништа остана само желба и уште едно од неисполнетите ветувања, овој пат за монденски туристички центар со луксузни хотели, казина, спортски терени, пристаниште, објекти за забава и рекреација, одмор, терени за голф, спа центри, марина-хотели и казино на вода на површина од 240 хектари.

За проектот на Рој што тој го планираше и го најави на најатрактивниот дел од Охридското Езеро, на најубавата плажа Љубаништа, со низа забелешки излегоа многу здруженија на граѓани, жителите на селото Љубаништа, невладини организации и експерти кои испратија предупредување дека ваквите градби ќе претставуваат вистинска еколошка катастрофа за Охридското Езеро и за Националниот парк „Галичица“.

subratauapsenПретседателот на „Сахара груп“, Субрата Рој, на 28-ми февруари 2014 година беше уапсен во Лакнау, откако два дена ја избегнуваше потерницата без можност за плаќање гаранција, издадена од Врховниот суд за неговото непојавување пред судот во случајот со невраќање на 4 милијарди долари на инвеститорите. Завршувајќи ги драматичните случувања, тогаш 65-годишниот Рој и’ се предаде на полицијата, повикувајќи ја во седиштето на „Сахара Шахер“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука