февруари 26, 2017

Охрид, 26. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Верни на традицијата, повеќе стотици Грци, но и помал број гости од Албанија и од Бугарија, допатуваа во Охрид и Струга за прослава на верскиот христијански празник Прочка.

Гостите што допатуваа во Охрид, за викендов, внесоа живост во центарот на градот. Кафулињата и рестораните се полни, крајезерското шеталиште доби летен шмек, а навечер ги посетуваат православните храмови. Задоволни се во туристичките агенции, како и хотелитерите и приватните станоиздавачи.
На зголемувањето на бројот на гостите од соседна Грција, позитивно влијаат последните потези на приближување и едно поинакво ниво на доживување и поврзување на грчкиот народ со македонската традиција и култура.

Минатото лето, во посета на Охрид беше градоначалникот на Солун Бутурис, додека градовите Охрид и Воден, договорија заеднички туристички пакети, како нов туристички производ во меѓусебната соработка.

Специфика на двата града се природните убавини, особено богатството од водни ресурси. Тоа е препознаено и од ЕУ, така што ќе бидат финасирани неколку проекти, преку Програмата за трансгранична соработка на ИПА-фондовите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука