Охрид, 28. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на своите здравствено-превентивни активности, а како дел од одбележување на Неделата на срцево-садови заболувања која трае од 21-ви до 28-ми февруари, охридскиот Црвен крст денес спроведува акција во центарот на градот.
Медицински тимови, денес во периодот од 13:30 до 15:00 часот, на плоштадот „Крушевска република“, кај стариот Чинар, ќе вршат бесплатни здравствено-превентивни прегледи-мерење на крвен притисок и ЕКГ, а стручните тимови ќе даваат корисни совети за превенција и заштита од срцево-садови заболувања.
Срцево-садовите заболувања се водечка причина за смртност во светот. Според податоците на Светстката здравствена организација, секоја година од болести на циркулаторниот систем умираат околу 17 милиони луѓе. Во Европа околу 50% од сите смртни случаи, се предизвикани од овие заболувања. Се повеќе заболуваат лица под 65 години возраст, односно лица во најпродуктивниот период од животот. Доколку не се превземат соодветни мерки, до 2030 година, 23,6 милиони луѓе, секоја година ќе умираат од срцево-садови заболувања (главно од срцеви и мозочни удари).
Статистичките податоци за Македонија покажуваат дека и кај нас срцево-садовите заболувања се водечка причина за смрт. Здебеленост, неправилна исхрана, пушење и физичка неактивност се главните причини за болестите на срцето и мозочните удари кои можат да се забележат во се помлада возраст. Таквите нездрави навики и животен стил се се почести меѓу децата и адолесцентите. Токму тоа е период кога со навремени и соодветни постапки може да се насочи развојот на детето во зрела личност, одговорна за своето здравје, здравите животни стилови и со фактори на ризик сведени на најмала можна мерка. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива