февруари 28, 2017

Охрид/Скопје, 28. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Авиокомпанијата и аеродромскиот оператор ТАВ Македонија денеска прославија бројка од три милиони патници на Виз ер во Македонија.

При тоа беа најавени три нови авиолинии и базирање на четврт воздухоплов во Скопје.

Конекциите од Охрид до Базел-Милхаус-Фрајбург ќе бидат со зголемени фреквенции до четири летови неделно.

Во исто време, популарните летови од Скопје до Малме и Милхаус сега ќе сообраќаат секој ден. Ширењето на мрежата на рути на Виз ер ќе почне во јули година, кога во исто време со базирањето на 4-от воздухоплов во нивната база во Скопје, почнувајќи од 14. и 16. јули, авиокомпанијата ќе почне да лета од Скопје до 3 нови возбудливи дестинации – Малта, Рим (Чампино) и Ваксјо (Шведска).

– Наша голема чест и задоволство е што пред почетокот на летниот распоред на летање, денеска сме тука да го прославиме достигнувањето три милиони патници на Виз ер во Македонија, базирањето на нивниот четврт авион во Скопје, но и уште една убава вест – најавата на трите нови линии за Рим, Малта и Ваксјо (Шведска), за кои сме сигурни дека ќе бидат дочекани со огромен интерес и возбуда од страна на патниците на скопскиот аеродром „Александар Велики’’. Овие три нови рути, заедно со веќе најавената нова линија на Виз ер до Будимпешта, која ќе почне од 2-ри април, се навистина атрактивни дестинации, барани од пазарот и ќе бидат вистински погодок во контекст на проширувањето на нашата мрежа на авиолинии од двата македонски аеродроми. Ова е резултат на нашите постојани маркетинг-студии и активности, изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.

ТАВ Македонија и во минатата 2016 г. продолжи со двоцифрен пораст на бројот на патници, достигнувајќи 1,8 милиони патници на двата македонски аеродрома, „Александар Велики“ – Скопје и „Св. Апостол Павле“ – Охрид, што е зголемување од 15% на годишно ниво. Во исто време бројот на летови е зголемен за 8,9%, достигнувајќи вкупно 16.883 летови во 2016 г. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука