Скопје/Охрид, 1. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Од Управата за јавни приходи ги потсетуваат граѓаните да достават Годишна даночна пријава најдоцна до 15-ти март.
Пополнетата Годишна даночна пријава може да се поднесе во најблиската даночна канцеларија на УЈП или преку пошта.
Земајќи предвид дека во овој период, до Управата за јавни приходи пристигнуваат и голем број на барања за консултации во врска со пополнувањето на даночната пријава, издвоени се најчесто поставуваните прашања.
Податоците за исплатите, односно пресметката на годишната бруто пензија, социјални придонеси и персонален данок, потребно е да се обезбедат од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ФПИОМ); За приходите остварени со работа преку интернет, исто така граѓаните имаат обврска да поднесат Годишна даночна пријава; Во Годишната даночна пријава покрај остварените други приходи, обврска е да се прикаже и износот на надоместокот на плата за породилно боледување. Податоците за исплатите, односно пресметката на годишнoтo породилното боледување, социјални придонеси и персонален данок, потребно е да се обезбедат од Фондот за здрaвствено осигурување на РМ; Примениот надоместок за трето дете кој го исплатува Министерството за труд и социјална политика, граѓаните немаат обврска да го пријават во Годишната даночна пријава; Добиениот надоместок на штета од собраќајна несреќа исплатен од страна на осигурителна компанија не подлежи на оданочување со персоналниот данок на доход и истиот не треба да се пријавува во Годишната даночна пријава; Секоја добивка остварена од општите игри на среќа во износ поголем од 5.000 денари, граѓаните имаат обврска да ја пријават во Годишната даночна пријава.
Граѓанинот кој во текот на годината остварува само приход од плата не е должен да поднесува Годишна даночна пријава. Доколку пак покрај приходот од плата остварил и дополнителни примања од работен однос (на пример: регрес за годишен одмор), работодавачот има обврска да пресмета и плати персонален данок на доход, да издаде примерок од пресметката, а работникот има обврска да го пријави во Годишната даночна пријава.
Како лице кое остварува приходи од кирија, и за остварениот приход е поднесена Аконтативна пријава „ПДД-АДП/ПИ“ и е платен персонален данок на доход, обврска е да се пријави и во Годишната даночна пријава. За веќе платениот данок по поднесената Аконтативна даночна пријава, УЈП нема повторно да утврди обврска за плаќање на персоналниот данок.
Средствата исплатени за авионски билети и сместувања во хотел за лица кои не се вработени во фирмата, подлежат на оданочување со персоналниот данок на доход, бидејќи истите се лично примање на физичкото лице. За исплатените приходи, фирмата има обврска да го пресмета и плати персоналниот данок на доход, да издаде примерок од пресметката, а граѓанинот има обврска да ги пријавите во Годишната даночна пријава.
Надоместоците на волонтерите исплатени најмногу во висина до 15% од просечната месечна плата во Републиката исплатена за претходната година, согласно Законот за волонтерство, не подлежат на оданочување со персоналниот данок на доход, и граѓаните немаат обврска да ги пријават во Годишната даночна пријава.
Примениот надоместок за учество во органите за спроведување на избори е ослободен од оданочување со персоналниот данок на доход.
За сите дополнителни информации и помош при пополнувањето на Годишната даночна пријава, граѓаните можат да се обратат во Инфо центарот 0800 33 000 или да побараат помош од даночните агенти во даночните канцеларии. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива