Киев, 1. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во најновиот број на весникот „Литературна Украина“ на Националниот сојуз на писателите на Украина е објавена поезија на охридскиот поет и професор Науме Радически, во избор и препев на украинската писателка и преведувачка Ана Багрјана.
Изборот на песните на Науме Радически е направен од неговата постхумно објавена поетската книга „Времепрашина“, што минатата година ја издаде „Македоника литера“. Ова е шеста поетска книга на Радически (1953-2014), кој зад себе остави богат творечки и научен опус од областа на книжевноста и книжевната историја. Книгата содржи повеќе од седумдесет песни кои се поделени во три циклуси, од кои најобемниот е насловен како „Песни во настанување“, односно ги содржи последните напишани песни на авторот.
Науме Радически е роден на 18 мај 1953 во Мешеишта, Охридско, а почина на 7 мај 2014 година во Скопје.
Науме Радически беше редовен професор по современи јужнословенски литератури на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Уметничката, критичарската и научноистражувачката актива на Радически е разновидна: поезија, литературна и ликовна критика, литературна историја, есеистика итн. Поедини негови поетски творби, критичко-есеистички текстови и статии од литературната наука се преведувани на други јазици. Самиот тој преведуваше од други јужнословенски литератури. Освен македонската литература во минатото и во современоста, негова научна преокупација беа некои спојни теми во јужнословенскиот литературен контекст како: македонските теми во другите јужнословенски литератури, делото на Македонците кои во минатото создавале литературно творештво на другите јужнословенски јазици и др.
Науме Радически беше првиот главен уредник на списанието Македоника, кое има меѓународна редакција. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива