Избор Охрид

Дисциплинска постапка за началникот на СВР Охрид за заканите кон СЈО

Скопје, 1. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу покренал дисциплинска постапка со која истражува и елементи за кривично дело против началникот на СВР Охрид за заканите кон обвинителите на Специјалното обвинителство, искажани во негово присуство, објави порталот СДК.

– Пред две недели добив известување од Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева  за закани кон обвинителите од ова Обвинителство, упатени од организаторите на протестите во Охрид, во присуство на началникот на СВР Охрид. Јас известувањето го анализирав и веднаш побарав од службата за внатрешна контрола на МВР да го испита случајот. Побарав внатрешната контрола да го извести задолжително и Јавниот обвинител на Република Македонија, ако има елементи за кривично дело од страна на началникот. Значи, тоа што е покрената итна дисциплинска постапка против него е едната работа, а втората е дека се испитува дали во ситуацијата началникот сторил кривични дела, изјавил министерот Нухиу за СДК.

Обвинителката Ленче Ристоска на прес-конференцијата за најновата истрага под кодно име „Труст“, кажа за заканите кон обвинителите на СЈО на 9 февруари годинава, пред очите на началникот на  СВР Охрид.

– Началникот на Охридската полиција и двајца од одредена политичка партија кои беа дел од групата кои протестираа додека ние истражувавме изборни незаконитости во Охрид, побара средба со нас. На таа средба тројцата ни се закануваа. Подоцна за тие закани ние го известивме министерот за внатрешни работи, рече Ристоска. (Крај)

извор: НоваТв/СДК фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави