Охрид, 2. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Во тек е пријавување во однос на повикот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за поддршка на рибарството и аквакултурата.
Барањата за користење средства за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата ќе може да се доставуваат до 14-ти мај.
Јавниот повик се однесува на Поддршка за изградба на нови риболовни пунктови, реконструкција и адаптација на постоечките, како и надоместок за услуга за користење на постоечки пунктови, за поддршка за рехабилитација на риболовни води со доградба, надградба и опремување на постоечките капацитети односно мрестилишта за производство на репродуктивен и порибителен материјал.
Средства се обезбедени и за дополнителна заштита на рибите во риболовните води; за изградба на нови капацитети за аквакултура, за проширување, реконструкција, адаптација и модернизација на постојните, за изградба на нови капацитети за преработка на рибите и за набавка на опрема за доработка, преработка, складирање и пакување на рибите.
– Финансиска поддршка ќе се доделува неповратно, информираат од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива