Охрид, 2. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Граѓани на Охрид попладнево со марш низ градските улици ја изразија својата поддршка на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“. Загрижени се, како што велат, за иднината на државата и за зачувување на нејзината унитарност.
– Овие толпи народ низ цела Македонија се тука со единствена цел – да ја заштитат татковината. Јасно и гласно порачуваме дека си ја сакаме земјата и не прифаќаме никакви туѓи платформи. Секој може да живее тука, оваа земја има почит кон секого, но и секој треба да ја почитува, порача актерот Владо Дојчиноски од името на учесниците на маршот.
Според него, секоја промена на грбот, знамето, химната на државата, значи губење на идентитетот и на се она за што се бореле генерации Македонци.
– Овој народ е излезен да ја зачува унитарноста на Македонија, ние друга земја немаме, рече Дојчиноски.
Како и вчера, и денеска учесниците на протестот се собраа на плоштадот кај охридската гимназија, по што се упатија низ улиците во централното градско подрачје до Градскиот плоштад. (Крај)
извор: Телеграф.мк фото: ОхридПрес