Струга, 3. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против две лица од струшкото село Лабуништа поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „тешка кражба“.
Со пријава се стекнаа лицата С.М. (31) и М.Ш. (20).
Пријавените казненото дело го извршиле на 13 јануари оваа година во златара „Енко-Голденко“ лоцирана на улицата „Маршал Тито“ во Струга. Пред полноќ пристигнале пред златарата, насилно ја отвориле влезната врата. Од излогот одзеле три сребрени белегзии по што побегнале.
Пријавените го признале делото а на полициските службеници им кажале дека парите од продажба на сребрениот накит ги искористиле за купување наркотична дрога.
С.М. и М.Ш. се лица познати на службата како сторители на слични казнени дела против кои биле поднесувани соодветни пријави. Тие се на издржување мерка притвор во Битола поради сторени казнени дела на подрачјето на СВР Битола. (Крај)
извор: СВР Охрид фото: архива