Охрид, 3. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – На неколку дена до претстојниот празник, 8-ми Март, Денот на жената, ресторанските капацитети, лаунџ барови, таверни и локалните клубови во Охрид се надеваат на солидна пополнетост.
Рестораните нудат богато мени по поволни цени и се надеваат дека според традицијата и годинава ќе има голем интерес за прослава. Сопствениците велат дека има најави за резервации, но, како и секоја година, најголем интерес се покажува на еден ден пред прославата, дури и неколку часа пред почетокот на најавените забави.
– Свеченото мени веќе е понудено, може да се разгледа и на нашата страница преку Фејсбук. За празникот 8-ми Март ќе има жива свирка во нашиот објект. Има заинтересираност, се надеваме дека ќе биде како минатата година, кога имавме навистина дури и преголема заинтересираност. Поучени од практиката од лани, очекуваме далеку повеќе заинтересирани групи да бараат резервации ден пред празникот, или на самиот ден. Во однос на старосната граница, повеќе има интерес за прослава кај повозрасните дами, велат од Лаунџ барот NOA.
Од Вила „Света Софија“, нудат посебно креирано мени за празникот, со поволности при порачката на пијалоци и десерти.
Што се однесува до вечерните забави, веќе се прават резервациите. Во кафе барот Ликвид, за 8-ми март ќе биде организирана специјална вечер за дамите, на која ќе настапи македонската пејачка Наташа Малинкова.
Додека трговците очекуваат зголемен профит при продажбата на најомилениот подарок, цвеќето, но и други пригодни подароци. И годинава на малиот плоштад кај Чинарот ќе има поставени тезги за 8-ми Март. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива