Скопје, 4. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – ДУИ ќе учествува во формирање на нова влада, предводена од СДСМ, за што веќе дадовме потписи, изјави партискиот портпарол Бујар Османи доцна синоќа пред седиштето на партијата во Мала Речица.
Тој истакна дека останува партиите допрва да се кооридинираат за начинот на кој тоа ќе се направи, затоа што и покрај доставувањето на доказ за собрани 67 потписи, претседателот Ѓорге Иванов не му го даде мандатот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
– ДУИ ги информира граѓаните, институциите и меѓународните партнери дека ќе даде поддршка за нова влада и ново мнозинство. Учеството во новата влада ја рефлектира волјата на граѓаните и има за цел исполнување на ветеното во предизборната програма, рече Османи.
Тој вели дека Централното претседателство на ДУИ како коизведувач на Платформата на албанските партии, ја потврдува заложбата за исполнување на сите точки од Платформата.
– Декларацијата е заеднички документ на сите партии на Албанците застапени во Собранието, изготвена е во Скопје и не е документ наметнат од надвор. Оваа декларација е во целосна согласност со европските вредности и ние сметаме дека декларацијата е целосно во духот на Рамковниот договор и Уставот и не го загрозува територијалниот интегритет и унитарноста на државата. Не излегува од уставната рамка, рече Османи.
Со изјава по завршувањето на Централното претседателство на ДУИ излезе и лидерот на ДУИ Али Ахмети. За ТВ24 тој посочи дека со поддршката на СДСМ за формирање на нова влада е израз на волјата на мнозинството Албанци во Македонија. ДУИ ќе очекува Иванов да му го додели мандатот на Заев, а за следните чекори ќе се разгледуваат сите опции во Уставот и законите. Сепак, Ахмети не даде конкретен одговор дали ќе се оди на варијанта да се гласа влада во Собранието без добиен мандат од претседателот Иванов.
Ахмети смета дека 67 потписи гарантираат дека партиите од кои доаѓаат би гласале за новата влада секако по своја слободна волја.
На прашањето зошто толку време му беше потребно на ДУИ да донесе конечна одлука како ќе се постави во политичката криза, Ахмети вели дека немало никакво тактизирање туку била исцрпена целата дебата, а потоа е решено. (Крај)
извор: Фактор.мк/slobodnaevropa.mk фото: архива