За Охридцките работиБр. сл. 014/11/2014Охрид, 30. ноември 2014 година
Да не замерите што ме немаше подолго време, ама после текст посветен на Цеца ми требаше малку време за детоксикација. Плус лето беше, па роденден со радиово, игравме тро фудбал во чест на братчињава, па родендени други, ова па она, и така…
А да Ви кажам искрено и не ми се реагира на секоја глупост, многу ги има бе другарчиња. Ме најде еден Горан нервозен денојве од сабајле, ме ребреше демек не сум пишал на ФБ ништо за апсењето на Петрески. Ретко се расправам, но културно му кажав шо имав, ама принт скрин не направив, па го избриша јунакот „писанието“. Аку нека ми е жив и здрав.
Шо ми беше муабетот, за Бабиве…
Абе, колку и да ги избегнувам од чисто ментално-хигиенски причини, сепак на вртење по каналиве ќе фатит човек по нешто и од ова телевизииве македонски.
Искрено да си правиме муабет, на дел од луѓево што се претставуваат како уредници не би им дал ни телефон со камера над 2 мегапиксели, а не национална телевизија да уредуваат. Ова другарчиња одамна ја помина фазата „смешни се“, „копита се“, „го ставил газдата таму да се игра“, „ова само кај нас го има“… Сериозно…. Ова е веќе стратегија и тоа од најподмолен вид. Да продаваш приказни дека ја штитиш македонската музика и култура, а во исто време да дозволиш програма со ваков квалитет да се пушта на медиуми со национална концесија е чисто самоубиство и ништо друго. Погледнете го списокот со „заслужните“ и „уметниците“ кои од државата добиваат мрсни донации и се ќе Ви стане јасно. Даваме награди поголеми од оние на Сан Ремо и после се чудиме кога ќе фатиме дел од „истакнатите уметници“ и нивните другарчиња со 2.500 (или колку беа…) картички. И извинете што ви дојде чудно, пошто прв пат е ова, досега не се правело вака. Ма нема шанси… Порано ги носеа со автобуси Валандово да гласаат, сега е послесно, купи картички и гласај.
Помина времето кога старите викаа – „кажаа на телевизија“. Кажале, не кажале, сега е исто, никој никому не верува, што во принцип беше и нечија основна идеја, да се направи еднаквост меѓу арните и „неарните“ за полесно да се владее, нели…
Во меѓувреме ни сервираат генијални проекти од Србија, Турција и Индија како „Ѕвезде Гранда“, „Твоето муце звучи познато“, море „Пинк ѕвезди“, море „Мирниот сокак“ и „Сила“, па после „Браво шоу“ и локалниот адут „Среќни коцки“ со се зајакот на чичко Драган. Деновиве две национални телевизии се искараа чија верзија на приказната за баба Ванѓа била вистинската.
Абе…#($%&ајв„*„%да!&’“е*(+%списо$#
Јас морам јавно да им се заблагодарам овде на сите, затоа што ако немаше ваква „екстра понуда“, јас уште долго немаше Дрим бокс да ставам по дома. Како е можно да претендираш на сериозност, а да донесеш стриптизета во прајм тајм преку линк во живо во вести, да „избациш“ наслов „Србинките чекаат на ред за сперма во Македонија“, да имаш подготвен спин за секоја афера која ќе пукне во државава, да ги ставиш протестите на неколку илјади студенти пред вестите од светот или пред спортот во 25-та минута од дневникот (или воопшто да не ги објавиш), да се обидеш да продадеш приказна дека раскинувањето на договорот со Субрата Преподобен Рој било супер потез и ќе сме „кркнеле“ 3 милиони евра, дека никој никогаш не рекол дека Субрата ќе инвестира во земјава…. Да бе јас се сликав со оној типон со сако со кратки ракави гушнат по аеродроми, јас го шетав со хеликоптери по цела обала, јас му го покажував цел Охрид како од татко ми да е, јас организирав Боливуд забави во центарот на Скопје со цела Влада до мене… Јас бев, ево признавам. Памтете го ова – Еден убав сончев ден ќе пуштит секретарката на Субрата Преподобен Рој еден маил дека тој се премислил и дека не е заинтересиран и за Љубаништа, па ќе бидит после – Е арно де, сами ќе си изградиме (по евро за квадрат)…
Само додека градите, видете донесете и народ од некаде, пошто во приказнава дека Охрид имал 50.000 жители, веќе не верува никој. А и тие 30-тина илјади што останаа не Ви се баш некои муштерии.
Оскудација другарчиња, се немат.
Ок, јас знам дека вашата реалност е нешто сосема друго. Според вас, си возиш така по автопатов од Скопје до Охрид. Го паркираш џипот во некоја од катниве гаражи. Си одиш со жичара до Ски центаров на Галичица. Жичарата поминвит над ВИП „Од блато за блато“ стамбено-хотелскиот комплекс, па се враќаш назад до маринава кај малово пристаниште кај шо ти е јахтата. Пиеш кафе во баров шо е пофаца од Галиине во Скопје (Коце пукни си). Па ќе скокниш до затворениов базен на едно капење. Одиш на новава автобуска станица да пречекаш пријатели, па до Љубаништа кај Субрата на кафе муабет во комплексон…
Јако а?
Јако е, плус и Дебрца (научија конечно како се викат) ќе добие плажа. Сега ќе треба и текстот во песната да го сменат во „Дебрцо ти си монденска, од Ботун се до Пресека…“ А дали ги видовте предлозите за новите пет плажи во Охрид? Ако од УНЕСКО се муртеа за она чудоно на Плаошник шо го градат, за одбран било кој од предлозиве треба касетна бомба да ни фрлат (извинете бомба реков, опасно е то денојве).
Абе месец дена крстена вода да врнит овде џабе е вервите. Не можат другиве да ни се смеат, толку колку што ние можеме да се изглупираме.
И за крај да знаете само да не се секирате:
СЕ ИНТЕНЗИВИРА(ла) СОРАБОТКАТА ПОМЕЃУ ОХРИД И ДАЛИАН (оној во Кина, не овој нашиов Даљан)
Далиан – 10 милиони жители
Охрид – 30 илјади
Блазеси им на овие од Далиан, ќе пркнет сега малку…
加大奥赫里德之间是否作
Сашо Митан