Штип, 9. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Фестивалот „Макфест“ годинава повторно ќе се одржи во традиционалниот октомвриски термин.
Директорот на фестивалот „Макфест“, Љупчо Мирковски рече дека до пред неколку години обичај беше фестивалот да се одржува токму во октомври, а стариот датум се враќа на барање на штипјани.
За новото издание пристигнати се околу 140 песни, дел од нив се од домашни, а дел од странски автори. Како што посочуваат од организацијата на фестивалот, има пристигнати песни од Киргистан, Белорусија, Шведска, Норвешка, Германија, Куба и од Шпанија.
Фестивалот „Макфест“ ќе се одржи на петти, шести и седми октомври. Првите две вечери се полуфинални и на нив ќе настапат и домашните и странски изведувачи, а третата на седми октомври е финалната вечер. Мирковски најави дека ќе имаат новини во делот на гласањето, а наградите за најдобрите изведувачи и композиции остануваат исти, односно првата награда носи 10.000 евра, втората 7.500 евра, а третата 5.000 евра.
Фестивалот „Макфест“ и оваа година финансиски е поддржан од Министерствто за култура. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива