Скопје/Охрид, 10. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Од 1 јануари следната година Регулаторната комисија за енергетика ќе биде надлежна за утврдувањето на цената и тарифите на водните услуги на јавните комунални претпријатија и водостопанствата кои се производители на сирова вода во општините со повеќе од 10.000 жители, а од 1 јануари 2019 година и за сите општини во Македонија.
Регулаторната комисија одржа јавна расправа на која се разгледуваа Предлог правилникот и Предлог методологијата за утврдување тарифи за водните услуги и сите засегнати можеа да достават забелешки и мислења. Во наредниот период ќе следува подготвителна седница на РКЕ на која уште еднаш ќе можат да се поднесат забелешки, а на крај правилникот и методологијата ќе бидат усвоени на седница на РКЕ.
Делегирањето на надлежноста на РКЕ за утврдување на цените на водните услуги ќе значи воведување ефикасен систем на утврдување на цените и тарифите што ќе им овозможи на сите компании кои ќе достават барање и ќе користат тарифа да имаат предвидливи услови. Тарифата ќе треба да им ги покрива оперативните трошоци, амортизацијата и да им овозможи правилно насочување на сите средства во подобрување на инфраструктурата со крајна цел подобрување на квалитетот на услугите кои ги нудат на потрошувачите, како и достапни цени за сите потрошувачи на водата за пиење, велат од РКЕ.
Ќе има тарифи за сирова вода, за вода за пиење, за собирање и одведување на отпадните води и за прочистување на отпадните води кои ќе бидат составен дел на надоместокот што ќе го плаќаат граѓаните. (Крај)
извор: РКЕ фото: архива