март 10, 2017

Охрид, 10. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со проекцијата на филмот „90 минути – Проект Берлин“ во режија на Иво Трајков, во Филмската академија во Охрид беше отворен меѓународниот филмски фестивал „Филмоушн“.

– Фестивалот го одржуваме втора година по ред. Следуваат четири дена со разновидна програма каде што ќе се погледнат анимирани, документарни, кратки филмски остварувања, како и студентски филмови. Годинава прашањето е дали филмот е „Огледало или прозорец“, а во текот на фестивалот имаме и две работилници. В недела ќе се одржи средба на филмските работници, односно студентите од регионот со наслов „Work in progress“ на која учесниците ќе ги претстават проектите на кои работат и начинот на работа, рече уметничкиот директор на фестивалот, Димитар Димоски.

Денес имаше прикажавања на филмови во 12 и 14 часот. Во 17:30 часот ќе има предавање со Димо Попов под наслов „Разбирање на тахничката опрема“. Од 20 часот ќе се прикажува уште едно филмско остварување, а вечерва организаторите од 22 часот ги покануваат охриѓани и гостите на за музика и забава во Jazz Inn.

Фестивалската програма предвидува проекции на филмови, работилници и мини-концерти, со учество на авторски трудови на студенти од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, ЕСРА и ФДУ од Скопје, Тетовскиот универзитет, „Хасан Приштина“ од Косово, ФАМУ од Чешка, ФДУ од Цетиње, Црна Гора, Универзитетот „Јашар“ од Турција и Национална академија за театар и филм од Бугарија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука