март 11, 2017

Охрид, 11. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Најинтересните моменти од првата аудиција на талент шоуто Ohrid SUPERSTAR ќе се емитуваат вечерва во 20:45 часот на регионалната О2 телевизија.

– Во неделата се дружевме со првата група од пријавените, а целта беше нашите ментори да работат со нив за да се разбие тремата, но и да се работи на песните со кои се претставуваат. Максимално сме задоволни од кандидатите кои се претставија во одлично светло и покажаа дека сите напори кои се вложени во тоа ова Шоу да изгледа така како што изгледа се оправдани, велат организаторите.

Вчера имавме прелиминарни снимања со втората група, а веќе утре во Центарот за култура „Григор Прличев“  ќе се одржи втората редовна средба со кандидатите.

Како што кажаа музичарите кои ја сочинуваат жири комисијата, на Талент шоуто се пријавени доста таленти, кои ветуваат многу.

– Ќе имаме навистина тешка работа затоа што верувајте сите се одлични во своите настапи и ќе биде предизвик за две недели кога ќе треба да исфрлиме некој од овие одлични кандидати, истакнаа по првата аудиција членовите на Жири комисијата Димче Китрозоски и Јовица Карајлиевски.

Во втората половина на март ќе следуваат и двете елиминациони аудиции, а во текот на април се предвидени и полуфиналната вечер и големото финале. Најдобрите ќе се одбираат според гласовите на жири Комисијата и според гласањето на публиката, што ќе важи само за полуфиналната и финалната вечер.

Организаторите на шоуто обезбедија богати награди за учесниците: парична награда од 2.000 евра, снимање на песна и видео спот со Даниел Јовески и старт на Тв и Радио проект. Сите заинтересирани ќе можат да добијат дополнителни информации и на официјалната страна на Facebook.

Носители на проектот се Супер радио и охридските „Тамаро“ маркети, а главен медиумски партнер е регионалната О2 телевизија. Медиумски поддржувачи се и порталите: Ohrid1, OhridNet, OhridPres, WebOhrid, Ohrid24, StrugaOnline и Inpress, како и струшкото Плеј радио. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука