Скопје/Охрид, 13. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Р. Македонија и Здружението на судска администрација ја поздравуваат одлуката на надлежните органи за делумно спроведување на Законот за јавнообвинителската служба и Законот за платите на јавните обвинители.
Велат дека на вработените за месец февруари им се исплатиле додатоците на плата за посебни услови за работа, постоење на висок ризик, доверливост и ноќна работа, работа во смени и прекувремена работа во висина од 20%.
– Од друга страна, изненадени сме од инертноста на Министерството за правда и Републичкиот судски совет кои и покрај штрајкот во судовите во 2016 година, кој траеше 62 дена, сеуште не го уважуваат единственото барање истакнато за време на штрајкот и вработените во судовите да ги добијат истите додатоци на плата. Со ваквите постапки Министерот за правда и Претседателот на Судскиот совет, свесно или несвесно ги провоцираат вработените во судовите со тоа што не ги обезбедуваат овие права и за нив. За време на штрајкот, вработените во судовите настрадаа од самоволието на Претседателот на судскиот совет Зоран Караџовски кој наместо да изнајде решение со проблемот за додатоци на плата арогантно, самоволно и против законски одлучи да ги казни околу 2400 вработени намалувајќи им ги платите за 40% за два месеци, велат од УПОЗ.
Синдикатот на УПОЗ и ЗСА ќе се обратат до Министерството за правда и до Министерството за финансии со барање сите вработени во правосудните органи да имаат еднаков третман во поглед на добивање и исплата на надоместоците на плата, а по формирање на новата влада веднаш ќе упатат барање за измена на Законот за судска служба. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива