Охрид, 14. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Неколкугодишната соработка која ја има охридското Супер радио со средното училиште ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“, резултираше со нова посета, која денес ја остварија ученици од трета година.
Средношколците беа во посета на Супер радио под менторство на нивните професори Никола Јованоски и Љупчо Балески.
– Нашето училиште произведува квалитетни кадри од повеќе профили, кои по завршувањето се подготвени да се вклучат во пазарот на трудот, а оние кои имаат амбиции, се надоградуваат во високото образование. Сметам дека учениците по завршувањето на нашето училиште, доколку не сакаат да го продолжат своето образование, имаат доволни познавања за да се вклучат во производствените процеси. Но, ние ги насочуваме дека техниката не е статична работа, туку самите ученици мораат постојано да ги надградуваат своите знаења, вели Љупчо Балески, професор во Општинскиот електро машински училишен центар „Свети Наум Охридски“.
Во однос на денешната посета, професорот Балески додаде дека средбата во Супер радио е дел од наставниот предмет Предаватели, а е поврзан и со некои други предмети, како Електронски склопови и уреди и телекомуникациски склопови и уреди.
– Ние на нашите часови теоретски им ја објаснуваме постапката како работат предавателите, што се составни делови на предавател, меѓутоа денес имаа можност да видат како практично се изведува, односно како се генерира самиот сигнал во програмата, додава проф. Балески.
Учениците се консултираа за работењето на техника од Тони Ангелески, главен техничар во Супер радио, со медијација и на нивниот професор Никола Јованоски. Како што објаснуваат учениците, најголем впечаток им остави радио емисијата „Охриде не бери гајле“ со водителот Жанко Голабоски.
– Научивме што содржи едно студио за радио, мешач, миксета, видовме што има во студиото. Првпат сум во радио и ми се допаѓа амбиентот. Во иднина, би можел да работам како техничар во радио станица, интересна работа би била, кажа ученикот Дамјан Левески.
– За ова учевме по предметот Електронски склопови и уреди со професорот Никола Јованоски. Од тоа што го видовме тука, најинтересно ми е како се прави програма во живо, се запознавме со водителот Жанко, видовме како работи предавателниот линк, додаде ученикот Илија Филоски.
Учениците задоволни од посетата, велат дека ги надградиле своите знаења за комбинирањето на различни сигнали, предавањето на сигналите и дифузијата низ етер. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес