Охрид/Струга/Скопје, 14. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Неколку месеци пред завршувањето на школската 2016/2017 година, во повеќе македонски градови започнува да се спроведува хуманитарна акција за помош на матурантите, кои доаѓаат од социјално ранливи категории.
За акцијата „Среќно матуранти“ која ја прави здружението „Проект среќа“ потребни се волонтери од Струмица, Гевгелија, Неготино, Велес, Берово, Делчево, Кочани, Прилеп, Охрид, Струга, Тетово и Гостивар.
Основач на здружението е македонската пејачка Кристина Арнаудова.
– За акцијата „Среќно матуранти“ која ќе ја прави моето здружение во моментов се потребни волонтери. Ќе се собира облека за матурантите на кои им треба, а не можат од различни причини да си дозволат. Сите оние кои сакаат да помогнат и да бидат волонтери, нека се пријават на страницата „Проект Среќа“, апелира преку својата фејсбук страница пејачката Кристина Арнаудова.
Исто како и минатата година, ќе се собираат свечени фустани и гардероба за идните матуранти, кои немаат сопствени средства за таков луксуз. (Крај)
извор: ОхридПрес/Фејсбук фото: архива