Охрид, 14. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – При целата постапка за донесувањето на Општиот акт за село Лагадин е постапено согласно законските прописи со целосно почитување на законската регулатива.
Ова денес на прес конференција го соопшти Лилјана Јоноска, претставник на Секторот за урбанизам при Општина Охрид, по коментарите во јавноста околу изградбата на хотелски комплекс на ова место. Јоноска, всушност уште еднаш само го повтори соопштението на локалната самоуправа од пред некој ден.
Имено минатата недела, по вонреден инспекциски надзор, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам до Градоначалникот и Општина Охрид достави барање да го поништи незаконски издаденото одобрение за градба во Лагадин.
Во однос на извршениот инспекциски надзор, Јоноска истакна дека локалната самоуправа соодветно одговорила на записникот од инспекторатот.
– Забелешките на инспекторатите не се отфрлени. Напротив, соодветно е одговорено. Локалната твдри дека во овој сличај се е согласно закон, рече Јоноска.
На крајот, на прашање дали ќе се гради во Лагадин, Јонска додаде дека тоа зависи од инвеститорот, со оглед на тоа што си има правосилно одобрение за градба на хотелскиот комплекс.
На денешната седница на градскиот совет, советничката група на СДСМ, побара да се дополни дневниот ред и да се расправа токму за изградбата на хотелски комплекс во Лагадин и за целокупната постапка околу донесување на Општиот акт.
Но, мнозинството советници одлучи да не ја поддржи оваа точка.
Ние како советници не можеме да го поништуваме одобрението за градба, но можеме да ја поништиме целокупната постапка на донесување на урбанистичката постапка за село Лагадин, истакна координаторот на советничката група на СДСМ, Јован Стојаноски.
– Понатаму, во управна постапка би се поништило одобрението за градба, се до оној момент додека постапката не помине на правилен начин и понатаму да се донесе ново одобрение за градба, рече Стојаноски.
Тој додаде дека нивниот став како советничка група е урбанистички да се регулира потегот кај Лагадин кој е еден од најатрактивните на охридската ривиера. Но, не на ваков начин.
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес