Аспен, 15. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – „Крајот на времето“, нов експериментален краток филм на режисерот Милчо Манчевски, кубанско-американска копродукција, ќе има светска премиера во официјалната селекција за награди на филмскиот фестивал Аспен Шортфест 2017 во САД, објавија организаторите.
Аспен во Колорадо се смета за еден од најреномираните фестивали на краткометражен филм во светот кои се квалификуваат за наградата Оскар. Фестивалот се одржува од 4-9 април.
„Крајот на времето“ е опишан како експериментален филм „за оној хипнотизирачки миг во еден обичен, скромен вторник кога човек сфаќа дека времето запрело и светот е вшмукан во една единствена насмевка“.
Филмот е снимен во Сан Антонио де лос бањос на Куба, а постпродукцијата во Њујорк и Македонија. Ова е една од првите американско-кубански копродукции, која започна пред неодамнешното затоплување на односите меѓу двете земји. Македонската Агенција за филм и македонското Министерство за култура не учествуваат во овој проект.
– Крајот на времето е филм кој може комотно да се претстави во музеј или галерија наместо во кино-сала. Во него продолжувам да ја истражувам крстосницата каде што вистината и прикаската се вкрстуваат, преклопуваат и сукобуваат; овој пат на минималистички начин, вели Манчевски.
Директор на фотографија е Ален Лопез Мартинез, монтажер Кристина Поженел, автор на музиката и тонскиот дизајн е Игор Василев Новоградска, визуелните ефекти се на Мишо Ристов и Рекс, а колор грејдингот на Мајкл Двас.
Долгометражните филмови на Милчо Манчевски се добитници на бројни меѓународни награди, меѓу кои и Златниот лав во Венеција, номинација за Оскар, Давид ди Донатело, Златна бубачка, ФИПРЕСЦИ, УНЕСКО, итн. Неговите кратки форми исто така имаат добиено награда на Ем-Ти-Ви за видео, награди за експриментален филм, награди за спотовите „Македонија вечна“, итн. „Њујорк тајмс“ го вброи неговиот филм „Пред дождот“ во 1.000 најдобри филмови на сите времиња. Тој исто така има режирано и на серијата „Жица“ (The Wire) за Ејч-Би-О. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива