март 16, 2017

Струга/Скопје, 16. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Светската мрежа на граѓанските новинарки и новинари е сè поактивна во светот, а кај нас успешно почнува да се следи трендот, вели за Супер радио Џабир Дерала од ЦИВИЛ – Центар за слобода, во пресрет на семинарот за граѓански новинари, кој ќе се одржи во Струга.

Семинарот е закажан викендов, на 18 и 19 март во хотел „Монтенегро“ во Струга. За активните граѓани, кои сакаат да бидат граѓански новинари, ќе има предавања за основите во новинарството, новите трендови, практична работа и работилници.

– Во Струга ќе организираме уште еден регионален семинар, наменет и за активисти граѓани, не само за професионални новинари и новинарки. Ќе бидат обработени некои од основите на новинарството, но и за новите начини трендови во оваа дејност, кои што го променија ликот на делувањето во светот. За учесниците ќе бидат организирани работилници, практична работа, богати содржини, дополнува Дерала.

Прилозите кои ќе ги изработат граѓанските новинари влегуваат во конкуренција за награда. Во период од година и половина, Цивил медиа доделила 55 награди за статии на граѓани новинари.

graganskinovinari2

– Проектот се организира втора година по ред. Насочен е кон транспарентноста на јавните личности. Досега во другите градови каде што организиравме вакви семинари, повеќе локални власти се одзваа позитивно. Во Струга учениците ќе бидат селектирани преку апликација. Најмногу би можеле да примиме од 20 до 25 лица. Гледаме да прифатиме што повеќе луѓе, но не е целта масовност, туку со секој учесник да се работи поединечно, објаснува Дерала.

Семинарот е бесплатен и наменет за активни граѓан(к)и кои сакаат да бидат дел од светската мрежа на граѓански новинари. Право на учество на семинарот имаат сите полнолетни граѓанки и граѓани од општините Струга, Охрид, Дебар, Центар Жупа, Кичево, Белчишта и Дебарца. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Цивил

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука