Охрид, 17. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Група граѓани од Охрид самоиницијативно утре од 10:30 часот од месноста Лабино започнуваат со акција на чистење на крајбрежјето на Охридското Езеро.
Нивната идеја е со овој настан да ги поттикнат сите граѓани, секој да одвои малку време да придонесе за чистење на бреговата линија.
– Јас често шетам по крајбрежјето и ми пречи што гледам толку многу ѓубре. Навистина не можам да го гледам тоа. Затоа и преку Фејсбук споделив толку многу слики, за граѓаните да видат и да се поттикнат, но и сите институции и поединци, и луѓето од маалата и населбите, секој барем пред себе да го исчисти просторот. Сакаме преку оваа акција, да се определи еден ден во март и секоја година на тој ден граѓаните на Охрид да го чистат градот, да виде како празник на Охрид, вели Мери Нанче, една од иницијаторите на настанот.
Таа денес гостуваше во емисијата „Охриде не бери гајле“ на Супер радио и даде свое видување за целата ситуација со расфрланиот отпад по крајбрежјето на Охрид. Додава дека идејата на групата граѓани е да се почне од некоја точка на крајбрежјето, па да се опфатат редоследно сите населби и локалитети.
– Буквално од Трпејца, па Пештани, Лагадин, сè до Радожда тоа треба да се иницира и да се спроведе. Луѓево кои живеат покрај брегот на езерото, тоа треба да го сторат пред сезона. Пластики, теписи, стара бела техника, што сè нема. Има многу трња по крајбрежјето, деновиве видовме трската ја запалија, а трњето стои. Каде се сега надлежните да ги казнат тие што ја запалиле трската, реагира Нанче.
Охридскиот водител Жанко Зш Голабоски, претседател на Здружението за велосипедизам, планинарење и еко – култура, рече дека максимално ја поддржуваат акцијата на групата граѓани и најави дека членови на здружението ќе се приклучат на истата.
– Колку е неубава глетката, во такво ѓубре покрај езеро, да нè пресретне некој странец, што можеме да им кажеме. Едно покажуваме на слики од Охрид по странските телевизии, а тука на терен, на крајбрежјето е друга слика. Ваквите акциите за чистење од групи граѓани, е убаво што се прават со ентузијазам, смета Голабоски.
Сите граѓани кои утре сакаат да се приклучат на акцијата, можат да понесат вреќи за собирање на ѓубре, ракавици и друга опрема. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес