март 18, 2017

Охрид, 18. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Денес во Охрид ќе се спроведе еко-акција со апел граѓаните секогаш да одвојуваат време за чистење на некој дел од градот.

Поттикнати од бројните еколошки акции кои и досега ги организирале различни организации, или групи на граѓани, група граѓани од Охрид самоиницијативно денес од 10:30 часот од месноста Лабино започнуваат со акција на чистење на крајбрежјето на Охридското Езеро.

– Како што секој си чисти дома, па пред влезната врата, така сакаме да ги поттикнеме охриѓани да почнат да го чистат и одржуваат и просторот околу нивното маало или населба. Посебно оние кои живеат во населбите во крајбрежната линија на езерото. Јас често шетам по крајбрежјето и ми пречи што гледам толку многу ѓубре. Навистина не можам да го гледам тоа. Сакаме преку оваа акција, да се определи еден ден во март и секоја година на тој ден граѓаните на Охрид да го чистат градот, да виде како празник на Охрид, вели Мери Нанче, една од иницијаторите на настанот.

Иницијаторите на овој настан очекуваат голем број на граѓани да им се приклучат во денешната акција, а потоа да развијат навика за редовно чистење. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука