март 21, 2017

Охрид, 21. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Не секој може да биде социјален работник и да ја работи оваа професија сериозно и одговорно, смета Јулијана Настоска од Здружението „Опција“ од Охрид.

Меѓу најголемите предизвици за социјалните работници денес, е пренатрупаноста со административни работи, што од своја страна оневозможува посветување на вистинската дејност.

– Да се биде социјален работник е благородна професија, која се работи со срце и душа. Мене ми е навистина жал што во последните години сме натрупани со административна работа и со самото тоа го запоставуваме она што треба да нѝ е приоритет. Не може секој да работи како социјален работник и да ја работи оваа професија сериозно. Доказ на тоа е и квантитетот на социјални работници, кои се невработени во нашето општество, додека квалитетот е запоставен, додава Настоска.

За својот дел од работата, Настоска дополнува дека веќе 11 години работи во Здружението на граѓани „Опција“ од Охрид, здружение кое работи на полето на намалување на штети од употреба на дроги и програмите за работа на сексуални работници и нивните семејства.

– Станува збор за две специфични профили на личност и не секој социјален работник може да покаже професионалност и емпатија во исто време кога се во прашање овие две маргинализирани заедници. Тимот на „Опција“ секојдневно преку низа активности, едукации, обуки и тересни услуги, максимално и несебично се обидува да ги инфилтрира и да им ја олесни социјализацијата во општеството, кажува Настоска.

Денес се одбележува Светскиот ден на социјалната работа – 21. Март. Годинава тема на одбележувањето на овој ден е социјалната работа и маргинализираните заедници и значењето на емоционалната интелигенција.

Пред неколку години, Здружението „Опција“ од Охрид, во однос на значењето на емоционалната интелигенција, реализираше два настани „Размислување во рамките“ и „Надежите и сништата (се направени од ова)“ во склоп на проектот „Употреба на уметноста каде што е тешко да се зборува – размена меѓу уметници кои работат во социјалната област“. Овој проект се спроведе во партнерство со Културниот центар Медиа Артес, а беа вклучени уметниците Зорица Азеска и Ивана Групче. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука