Охрид, 22. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Таеквондо клубот ХВА РАНГ ИТФ од Лескоец-Охрид, изминатиот викенд учествуваше на меѓународен теквондо итф А класа турнир „Чешка Опен 2017“, кој се одржа во Нимбург, Чешка.
Под водство на Марјанчо Лазаревски црн појас 4 дан и Ацо Јосифоски црн појас 4 дан, натпреварувачите на Таеквондо клубот ги одмерија силите во 4 дисциплини: борби, форми, специјални техники и тест на сила- поединечно.
– И покрај големиот притисок и конкуренција нашите натпреварувачи повторно дадоа максимум од себе и не израдуваа со 8 медали, 3 сребрени и 5 бронзени. Освојувачи на медали се Давид Крстески – сребро во борби деца до 10 години – 32 кг, Божидар Димитриевиќ – сребро во борби деца до 14 години +50 кг, Миле Климоски – сребро во борби Б класа сениори -64 кг. Потоа со медали се закитија: Христијан Деспотоски – бронза во борби Б класа сениори -64 кг, Филип Јосифоски – бронза во борби Б класа сениори -64 кг, Давид Велковски- бронза во борби јуниори -51 кг, Филип Трифуноски – бронза во борби деца до 14 години +50 кг. Ова е огромен успех за нашиот клуб, бидејќи имаме натпреварувачи кои ветуваат во иднина дека можат да постигнат врвни резултати. Воедно Таеквон-до клубот ХВА РАНГ ИТФ Лескоец-Охрид користи прилика да изрази најголема благодарност до генералниот спонзор ПН МЕТАЛ, кој и овој пат е најзаслужен за нивното учество, велат од ХВАРАНГ ИТФ Лескоец.
Елена Јанеска во форми жолт појас за девојки до 14 години, Давид Крстески и Миле Климоски за многу малку изгубија во финалните борби и не успеаа да се качат највисоко на пиедесталот.
Овој турнир е најсилен во Централна Европа за оваа пролетна сезона, каде учествуваат едни од најсилните ИТФ репрезентации. Зедоа учество над 570 натпреварувачи од Македонија, Русија, Украина, Чешка, Полска, Бугарија, Словенија, Молдавија, Естониа, Финска, Холандија, Франција, Словачка, Грција, Латвија и Полска.
– Ова беше одлична прилика да провериме до каде е нашиот квалитет и да видиме кој од нашите натпреварувачи може да не радува во иднина на некое светско или европско првенство. На овој турнир беше собран европскиот таеквондо ИТФ џет сет, каде ги тестираа нивните репрезентации за европското првенство кое ќе се одржи за еден месец во Ливерпул, Велика Британија, додаваат од охридскиот таеквондо клуб.
Во Чешка учествуваа повеќе светски шампиони како што се, Албена Малчева, Олга Борисенко, Антон Огорелков, Рами шау, Петра Фрохличкова и други. Покрај првиот состав на репрезентациите беа донесени и другите кандидати за репрезентација, што дало дополнителна тежина на ова натпреварување. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ХВАРАНГ ИТФ Лескоец